Познатата презентерка и комичарка Елен Деџенерис e позната по пријателскиот однос за време на разговорите со гостите во нејзиното телевизиско шоу „Елен“. Но, новите тврдења за, наводно, лошата работна атмосфера во нејзиното шоу придонеле таа да биде предмет на внатрешна истрага од „Ворнер Медија“, пренесуваат светските медиуми. Тоа се должи на бројните обвинувања за расизам и вознемирување на работно место од страна на вработените во популарното шоу.

Нејзините вработени имаат забелешки за злоупотребување на ингеренциите од страна на извршните продуценти Ед Главин, Мери Конели и Енди Ласнер.

– Ако сака да има своја емисија што го носи нејзиното име би требало повеќе да се ангажира за да види што всушност се случува околу неа. Мислам дека продуцентите ѝ велат дека сè е добро, а таа им верува – открива еден од вработените.

Продуцентите Главин, Конели и Ласнер својот став го објавија во соопштението за јавноста.

– За време на речиси две децении на емитување, 3.000 епизоди и вработување повеќе од илјада луѓе, настојувавме да создадеме отворено, безбедно и инклузивно работно опкружување. Срцата ни се скршени и жал ни е за секое негативно искуство на нашето телевизиско семејство. Одговорноста за секоја емисија е наша. Сето ова го доживуваме многу сериозно и сфаќаме дека би требало да учиме да бидеме подобри и да се стремиме да работиме подобро – се вели во соопштението.

Состојбата ескалирала во април, откако на работниците им биле намалени платите поради пандемијата на коронавирусот. Особено ги вознемирило тоа што Деџенерис за емитување на своето шоу од нејзиниот луксузен дом за време на карантинот, ангажирала надворешна компанија, а не нив.

Деџенерис уште не даде коментар за ситуацијата, а нејзиното шоу моментно е на вообичаената летна пауза.