За луѓето што бараат мир, совршено место за одмор е оазата Сива, едно од најизолираните летувалишта во Египет. Се наоѓа на околу 50 километри од границата со Либија, во западниот дел од земјата и е оддалечена 560 километри од Каиро.
Таму живеат околу 23.000 луѓе за кои земјоделството и туризмот претставуваат главни извори на приходи. Тие претежно одгледуваат урми и маслинки. Во близината на оваа оаза може да се видат храмовите посветени на богот на сонцето Амон Ра. Оваа оаза се протега во должина од околу 80 километри и ширина од околу 20 километри, а е опкружена со огромна пустина. Позната е и по неколкуте солени езера во кои туристите обожаваат да лебдат.
Од солените езера што ја опкружуваат оазата се добива многу квалитетна сол, поради што луѓето што живеат таму ја нарекуваат „оаза на белото злато“.