Локалните активисти и шумарските службеници од индиската сојузна држава Телангана се подготвуваат за жесток конфликт откако централната влада во мај даде дозвола за проект за ископување на ураниум во резерватот за тигри на Амрабад, велејќи дека предлогот е „од критично значење од национална перспектива“, пренесува „Индипендент“.

Оваа раскошна шума се најде во центарот на судирите меѓу два спротивставени национални интереси – желбата да се заштити природното богатство на Индија и потребата да се обезбеди електрична енергија на тамошното население кое бележи постојан раст.

Резерватот за тигри на Амрабад опфаќа повеќе од 2.800 квадратни километри зелена џунгла и е еден од најголемите природни резервати во државата. Овој резерват, претставува дом и за многу други загрозени видови, како што се панголини, пантери, мечки, диви кучиња и елени.

Индија се стреми да стане нуклеарна сила. Владата на Нарендра Моди гради нови атомски енергетски реактори низ целата држава.

Во Индија моментално функционираат 22 нуклеарни реактори, од кои 14 се потпираат на увезениот ураниум. Се прават планови за проширување на тој капацитет на 32 реактори, со дополнителни 10 распоредени на четири локации во Раџастан, Карнатака, Хариана и Мадја Прадеш. Новите реактори треба да бидат завршени до 2025 година.

Исто така, на почетокот на годинава индиското Министерство за надворешни работи најави договор со САД за отворање на шест американски нуклеарни централи во Индија. За сите овие централи потребно е гориво.

Амрабад е една од тринаесетте локации кои добиле одобрување за проекти кои вклучуваат ископување во ураниум. Националниот советодавен комитет за шумарство го даде своето одобрение за предлогот за спроведување на ископување во областите на резерватот за заштита на тигрите на 22 мај.

Коосновачот на Хидерабадското друштво за заштита на тигрите, Имран Сидуку, на својот блог објави дека тој и другите активисти со децении успешно се борат против многубројните проекти за ископување во Амрабад.

Тој навел дека комбинираните ефекти од изградба на патишта за да може да се пренесе опремата за ископување, самото ископување и потенцијалното загадување на водата, можат да доведат до уништување на екологијата на целиот резерват за тигри.

– Доколку не се цени вредноста на најголемите индиски резервати за тигри, тогаш иднината на тигрите во новата индиска држава која ја градиме, е навистина мрачна. Ако се одобрат активностите за ископување, тоа ќе предизвика фрагментација на живеалиштата и нарушувања во дивиот свет, а со тоа ќе паднат во вода сите долгогодишни напори за подобрување на условите за живот во овие места – пишува Сидуку.