Весна Драгоевиќ искрено за својот сопруг Оливер

Весна Драгоевиќ, сопругата на познатиот балкански пејач Оливер Драгоевиќ, кој почина на 29 јули минатата година, неодамна за хрватските медиуми даде искрено интервју за големата музичка ѕвезда, откривајќи колку бил скромен и едноставен човек. Во својот плакар имал само два пара фармерки и неколку црни и бели маици. Таа открива само дел од својот интимен свет и раскажува како изгледал нејзиниот живот со човекот чии песни ги обележија животите на повеќе генерации во регионот.
Семејството Драгоевиќ ќе го чува споменот на Оливер така што на едно место ќе ги собере сите негови награди, кои наскоро ќе бидат изложени во неговиот музеј во родното место Вела Лука, во близината на Сплит.

– Толку награди добил Оливер, а веројатно ни самиот не знаел колку ги има. Во станот имавме една соба во која беа неговиот клавир, кауч, телевизор и на полиците – неговите награди, кои веќе немавме каде да ги ставаме, па набавивме проѕирни кутии, каде што ги редевме дипломите, титулите на почесен граѓанин, благодарниците… Кога неодамна ја расчистував собата, бев затечена од бројот на награди што ги најдов. Немав поим дека овие признанија ги има во толкав број и каде сѐ бил прогласен за почесен граѓанин. Бидејќи кога ќе се вратеше од некое патување, тој само ќе ги извадеше од торбата и воопшто не се фалеше и не зборуваше за нив – изјави Весна во интервјуто за „Екран специјал“.

Таа се прашувала дали заедно со семејството ќе успее да го наполни музејот за Оливер, но сега е сигурна во тоа.
– Сега мислам дека би можеле да наполниме два музеи со негови награди и лични предмети – вели таа.
Според неа, најдрага на Оливер, сепак, би му била наградата што ја добил неодамна, постхумно, а тоа е „Миљенко Смоје“, кого тој го обожавал.
Славата опива и лесно може да го расипе човекот, но Оливер можеби е единствен пример од балканската естрада кому поимот слава му бил непознат, бидејќи единствено што му било важно биле музиката и добрите песни.

– Дома не се слушаа хитовите на Оливер, ниту се зборуваше за музика. Тој никогаш посебно не се подготвуваше за своите настапи, не вежбаше, а не слушаше премногу ни друга музика. Главно, на Јутјуб слушаше странски хитови. Ние дома понекогаш мислевме дека тој не е нормален, бидејќи толку лежерно се однесува кога станува збор за концертите, турнеите, албумите, а на крајот сѐ одлично завршуваше – се сеќава сопругата Весна.

Кога по смртта на Оливер малку подобро се запознала со условите на естрадната сцена во Хрватска и во регионот, сфатила дека тој воопшто не бил нејзин дел.
– Оливер беше издвоен од сите тие кланови и лоби-групи. Беше исклучок, сам, без менаџер, без его, без караници… Ние дури сега сфативме колку всушност тој бил нормален. Знам дека можеби звучи чудно и неверојатно, но тој својата кариера ја создаваше без големи планови, не калкулираше кога ќе издаде цеде, не фаворизираше ништо за да ја добие наградата „порин“. Тој работеше спротивно и намерно по одржувањето на доделувањето на статуетките го издаваше албумот. Не се заморуваше со тоа дали наредниот носач на звук ќе го издаде за две, три или за пет години. Едноставно, чекаше да ги собере вистинските песни и го интересираше единствено музиката, ништо друго. Не сакаше ниту да се фотографира за весници, да се појавува на телевизии, тој живееше во светот на музиката – раскажува неговата верна долгогодишна сопатничка.

Весна додава дека Оливер и таа имале различен вкус за музика и ретко зборувале на таа тема, а таа само еднаш интервенирала при изборот на песните што требало да се најдат на некој албум.

– Тоа беше кога нашиот пријател Винко му прати две песни, „Кад ми доѓеш ти“ и „Само ти“, а тој одлучи на албумот да ја стави „Само ти“, зашто веќе имаше одбрано други девет. Тогаш јас дваесет дена го молев да ја стави „Кад ми доѓеш ти“, зашто многу ми се допадна, и на крајот прифати затоа што, како што рече, не можел веќе да ме слуша. Подоцна песната стана еден од неговите најголеми хитови – раскажа Весна.
Според неа, Оливер и дома и на сцената бил едноставен и скромен човек.

– Тој со леснотија правеше сѐ и така и живееше, а еве и пример за тоа. Еднаш го отвори плакарот и ми рече: Јас имам еден костум, неколку кошули, два пара фармерки и неколку маици, и тоа ми е доволно. А ти кога ќе стигнеш да го износиш сето тоа што го имаш? Со него сѐ беше едноставно, од облеката до храната, од разговорите до плановите. Таков каков што беше на сцената, како што спонтано комуницираше со публиката, таков беше и дома – со многу емоции се сеќава Весна Драгоевиќ на својот Оливер.

Љубовната приказна меѓу нив траела 45 години. Весна и Оливер имаат три сина, Дино и близнаците Давор и Дамир Драгоевиќ.