„Номадленд“ е прогласен за најдобар филм, додека неговата ѕвезда Франсис Мекдорманд победи во категоријата за најдобра актерка на синоќешната церемонија на доделувањето „оскари“, во ноќта на неколку премиери и враќање на холивудскиот гламур по долгото затишје.

На големо изненадување на познавачите на седмата уметност, Британецот Ентони Хопкинс го освои  признанието за најдобар актер за улогата во филмот „Татко“ каде глуми човек кој се бори со деменција.

Како што коментираат светски медиуми, оваа награда се очекуваше да му припадне на покојниот Чадвик Боузман, кој беше посмртно номиниран за „оскар“ за својата последна филмска улога во „Ма Рејни: Мајка на блузот“ и важеше за голем фаворит.

Кинеската режисерка Клои Жао е прогласена за најдобра режисерка за „Номадленд“ со што стана првата Азијка и втора жена која некогаш се закитила со ваква награда.

Од десетте номинации, „Менк“ освои само два „оскара“, за кинематографија и сценографија. „Уште една тура“ од Данска е најдобар странски филм, а „Мојата учителка – октопод“ од Јужна Африка е прогласен за најдобар документарец.


Клои Жао влегува во историјата

Клои Жао влезе во историјата кога освои награда за најдобра режија на доделувањето „оскари“.

Кинеската режисерка стана првата жена од Азија и само втора жена што некогаш се закитила со најпрестижната награда за најдобра режија благодарение на нејзината работа на „Земја на номади“, и откако им оддаде почит на нејзините номинирани колеги – Дејвид Финчер („Менк“), Емералд Фенел („Надежна млада жена“), Ли Исак Чунг („Минари“) и Томас Винтерберг („Уште една тура“), им се заблагодари на сите што работеа на филмот.

„Ви благодарам, на Академијата, на моите брилијантни, брилијантни номинирани колеги. Целата моја екипа од Номадланд, какво лудо патување поминавме сите заедно – патување што се случува еднаш во животот, ви благодарам многу, јас многу сум ви благодарна,“ рече Жао во својот говор.

Клои се осврна на лекција што ја научила во детството и останала со неа во текот на нејзиниот живот.

„Кога растев во Кина, татко ми и јас ја игравме оваа игра и запомнувавме класични песни и текстови. Ги рецитиравме заедно и пробувавме да ги довршуваме речениците еден на друг.“

„Велат дека луѓето од раѓање се добри по природа, и тоа имаше големо влијание врз мене кога бев дете и верувам во тоа и денес. Иако се чини спротивното, јас секогаш наоѓам добрина за луѓето што ги среќавам, така што ова е за секој што има вера и храброст да се залага за добрината во себе и во другите.“

„Ова е за вас, вие ме инспирирате и ме мотивирате да продолжам , затоа ви благодарам.“