Сериите „Квантико“, „Мик“, „Скорпии“ и „Последниот човек на Земјата“ се простуваат од гледачите, додека нови шанси добија „Модерно семејство“, „Вовед во анатомија“, „Специјализант“, „Бул“ и „Истражувачи на морето“

На повидок се промени во светот на американските ТВ-серии што и нашата публика со внимание ги следи. Големите телевизиски куќи Еј-би-си, Си-би-ес, Фокс и Си-даблју периодов одлучуваат кои серии заслужиле да бидат обновени за новата сезона, а кои не. Режисери, продуценти, сценаристи, глумци – сите со нетрпение ги очекуваа вестите за статусот на своите проекти. Телевизиите ги измерија параметрите и донесоа конечни одлуки што најдобро се вклопуваат во нивната моментална економска состојба и, како и изминативе години, не размислуваа многу за тоа што сакаат гледачите.
Така, 51 отсто од сериите што премиерно беа емитувани оваа сезона се откажани. Тоа е за 3 проценти помалку во споредба со претходната телевизиска сезона.
Не преживеаја научнофантастичните: „Крстопат“ и „Дистопија“, криминалистичката „Измама“, ситкомите „Градоначалник“ и „9ЈКЛ“, хорор-приказната „Истерувачи на ѓаволи“, чија последна сезона се емитува на Фокс, и воената драма „Горди“.
Крај доживеаја и сериите „Деновите во долината“ со Кира Сеџвик, „Пукотница“ со Хелен Хант, која одеше на Фокс, „Доживотна казна“ со Луси Хејл, како и „Мудроста на масата“, која, наспроти добрите критики и задоволителната гледаност, не можеше да опстане поради многуте обвиненија што стигнаа на адреса на главниот глумец Џереми Пивен.

Добри вести, пак, стигнаа за новата верзија на познатата сапуница „Династија“, чија втора сезона ќе се емитува од септември. Обновени се и „911“, „Специјализант“, „Добри девојки“, „Орвил“, „Добриот доктор“, која важи за најгледана од новите, ситкомот „Младиот Шелдон“, „Тим СИЛ“ со Дејвид Боријаназо, „Специјалци“ што се емитува на „Еј-екс-ен, како и две серии на Шонда Рајмс, авторката на „Вовед во анатомија“ и на „Скандал“. Тоа се правната драма „За луѓето“ и „Станица 19“, во чиј фокус се пожарникарите од Сиетл.
Тука е и суперхеројската „Црна молња“, како и оживеаните серии „Вил и Грејс“ и „Розен“, чија прва епизода ја гледале 20 милиони луѓе, како и крими-серијата „Инстинкт“ со Алан Каминг во улогата на детектив хомосексуалец. Ова е првпат во една американска драмска серија, која се емитува во ударен термин, главниот лик да е геј.
Како и претходните години, имаше и неколку изненадувања. По петгодишно емитување, ТВ Фокс ја откажа симпатичната комедија „Бруклин 99“ за животот на полицајците, во која глуми комичарот Енди Сембер. Конкурентската Ен-би-си реши да ја прифати во свето јато, што е вистинска реткост.
Ваква среќа немаа комедиите „Мик“ и „Последниот човек на Земјата“, натприродниот „Луцифер“, мјузиклот „Подем“, докторската драма „Ноќна смена“ и трилерот „96 часа“, чија последна сезона се емитува на „Фокс“.
По три сезони, големиот број обожаватели на серијата „Квантико“ ќе мораат да се простат од оваа комплицирана приказна за тероризмот, чија главна хероина беше Алекс Периш, која ја глумеше Индијката Пријанка Шопра.
Од малите екрани си заминаа и „Скорпии“ на Еј-екс-ен, серија за бубалици со висок коефициент на интелигенција.
Фаворитите на гледачите се враќаат со нови епизоди од септември. Меѓу нив се: топлата семејна сага „Тоа сме ние“, долговечниот „Вовед во анатомија“, „Ред и закон: одделение за специјални жртви“, „Симпсонови“, „Модерно семејство“, „Бубалици“, „Хаваи 5-0“, „Злосторнички умови“, „Елементарно“, „Истражувачи на морето“.
Нова шанса телевизиите им дадоа на „Бул“ со Мајкл Ведерли, „Голдбергови“ со Венди Меклендон-Кови, „Мекгајвер“ со Лукас Тил, „Човек од планината“ со Мет Леблак и „Црна листа“ со Џејмс Спајдер во главната улога. Од старите приказни, на ТВ-екраните се враќаат „24 часа“ и „Бегство од затвор“, додека шансите за враќање на „Досие икс“ по заминувањето на Џилиен Андерсон и лошата гледаност се рамни на нула.