„ДЏ Магија“ е проект настанат во март минатата година, за време на првиот полициски час. Во составот членуваат Андреја Салпе и Теа Шалдева, инаку артисти со долгогодишен стаж на македонската алтернативна музичка сцена. На новото издание се поместени две композиции, „2020“ и „Sвезда“. Насловната „2020“ говори за слатката закоченост на оваа предизвикувачка година, а спотот се користи со снимки од познати ликови од повеќе области на културата самонаправени во карантин. Изданието е под капата на „ПМЏ рекордингс“, а омотот го дизајнираше уметницата Катарина Мрчела.
Во спотот учествуваат: Тино Костадиновски (актер), Драгана Костадиновска (актерка), Нела Витошевиќ (режисерка), Ивана Павлаковиќ (актерка), Димитра Цилевска (музичарка), Васко Атанасовски и Тина Горовска („Бернајс пропаганда“) и Виктор Ѓондовски. Дрон-снимките од Скопје навечер за време на полицискиот час се изработени од Бојан Спасовски, а монтажер на видеото е Божидар Јовановиќ.