Убавите божиќни украси во домовите влијаат за создавање на добро расположение, според тврдењата на психолозите, пренесуваат светските медиуми.

Комбинацијата на ведри бои го подобрува расположението. Боите создаваат чувство на удобност и ја зголемуваат нашата способност да уживаме и да се релаксираме.

Осветлувањето, пак, ги подобрува расположението и креативноста, а го подобрува и апетитот.

– Ние сме склони да мислиме дека сме различни од животните, но всушност сетилата често ги одредуваат нашите реакции. Во саваната, каде се развил нашиот сензорен систем, топлата светлина обично значи запален оган на крајот на денот, а тоа е поврзано со готвење и со други пријатни искуства – вели д-р Сали Огустин.

Позитивни асоцијации, исто така, предизвикува црвената боја. Таа го подобрува расположението и луѓето стануваат позборлести. Домашната атмосфера, меките ткаенини и познатите мириси придонесуваат за мир во семејството, дури и при големи роднински собири, бидејќи ни навестуваат нови искуства.

Стресот се намалува и кога просторот не е пренатрупан. Ако декорацијата е премногу сложена, за луѓето може да е непријатна, бидејќи биолошки сме склони на претпазливост. Ако околу нас има премногу предмети, треба да процесираме повеќе информации пред да се смириме, за да увидиме дека сме безбедни.