Корисничка на „Редит“ се изненадила кога сфатила дека нејзин „сикрет санта“, односно таен Дедо Мраз, е милијардерот Бил Гејтс.

Корисничката своето искуство го раскажа во видео на социјалните мрежи, каде ги покажа подароците што ги добила од Гејтс на домашна адреса.

Пакетот со подароци тежел над 36 килограми.

На подарок добила уникатна копија од книгата „Големиот Гетсби“, книга со факти за серијата „Твин Пикс“ и режисерот Девид Линч, уникатна јакна поврзана со телевизиската серија, лего од „Војна на ѕвездите“ и „Хари Потер“.

Таа добила на подарок и интересен избор на слатки, свеќа, голем број книги, но и играчки за нејзината мачка.

Сепак, она што најмногу ја допрело било донација за здружението „Американ Харт Асосиејшн“, кое се занимава со кардиоваскуларни истражувања. Донацијата е во чест на нејзината мајка која починала во март годинава.

– Тоа ми значеше повеќе отколку што можам да опишам со зборови – рече девојката и додаде дека годинава ѝ е тешка поради смртта на нејзината мајка.

Гејтс секоја година учествува во дарување кое го организираат корисниците на „Редит“.