Испитаниците тврдат дека ако по 14 минути од нарачката на храната таа сѐ уште не е сервирана на масата, трпеливоста на гостите е ставена на сериозен тест. Истото се случува и со чекањето да се нарача пијалак – доволни се 7 минути и секунда повеќе, за да решите дека е време да го смените угостителскиот локал и да побарате побрза услуга

Трпеливоста е доблесна човечка особина, но станува сѐ поретка во современото општество. Според едно неодамнешно британско истражување, во кое беа вклучени 2.000 возрасни мажи и жени, луксузот на модерниот живот направи повеќето луѓе да се претворат во неверојатно нетрпеливи суштества – и тоа во сите животни аспекти.
Три четвртини од испитаниците сметаат дека доминацијата на дигиталните технологии, како што се паметните телефони, телевизорите и компјутерите, всушност се директни виновници за овој брзорастечки тренд на отсуство на трпеливост. Тие изјавија дека стануваат нетрпеливи само по 16 секунди чекање да се вчита веб-страницата што ја одбрале, но и по 25 секунди чекање да се смени светлото на семафорот.

Спроведена по нарачка на компанијата за достава на канцелариски материјали БИК, студијата покажа дека 38 отсто од анкетираните брзо го губат трпението додека се обидуваат да водат белешки за време на едукативни часови или работни состаноци.
Честопати, потребни се само неколку секунди чекање за луѓето да станат раздразливи. На пример, испитаниците изјавиле дека почнале да го губат трпението само по 20 секунди чекање да се исуши мастилото на испишаната честитка или визит-картичка.
Исто така, потребни се 22 секунди за луѓето да почнат да се „расправаат“ со својот компјутер, во случај саканиот филм да не почне веднаш или, пак, да доцни со емитувањето на платформата за стриминг. Анкетираните Британци соопштија и дека многу стануваат нервозни по 18 секунди барање обично пенкало, пренесува интернет-порталот „Новините.бг“.

Во рамките на ова истражување сепак изненадува фактот дека, без оглед на целото тоа нетрпение, повеќето од луѓето сѐ уште се подготвени трпеливо да чекаат да им стигне пакет или писмо по поштенски пат.
– Нашето истражување покажа дека немаме проблем да чекаме точно 2,8 дена за да ги добиеме намирниците нарачани преку интернет, а 3,7 дена за рачно напишано и поштенски испратено писмо. Со помош на високите технологии, нашиот живот тече побрзо од кога било, но изгледа дека сѐ уште сме подготвени да чекаме онолку колку што е потребно, за да го добиеме доброто старомодно, рачно напишано писмо – коментира Џо Холинс, одговорен за маркетинг и менаџмент во британската и во ирската подружница на компанијата БИК.

Што велите за идејата да излезете во ресторан на вкусно јадење или пијалак со пријателите? Испитаниците тврдат дека ако по 14 минути од нарачката на храната таа сѐ уште не е сервирана на масата, трпеливоста на гостите е ставена на сериозен тест. Истото се случува и со чекањето да се нарача пијалак – доволни се 7 минути и секунда повеќе, за да решите дека е време да го смените угостителскиот локал и да побарате побрза услуга. Ако на вашиот мобилен телефон му требаат повеќе од 11 минути за да се наполни, за вас тоа е веќе предолго.

Оваа студија откри и дека повеќето од испитаниците што патуваат со авион, очекуваат да го добијат назад својот багаж по приближно 13 минути од слетувањето на аеродромот. Се чини дека чекањето во редица исклучително ги раздразнува луѓето.

Така, дури 45 отсто од испитаниците признаа дека ја губат самоконтролата откако „предолго“ чекаат во ред. Но колку трае тоа предолго чекање? Испитаниците велат дека почнуваат да се нервираат веќе по 30 секунди, а половината од нив изјавија дека најверојатно би се преместиле во соседната редица, во случај нивната да не функционира доволно брзо. Конечно, истражувачите беа изненадени од тоа што дури 95 отсто од анкетираните сепак признаа дека трпеливоста сѐ уште ја сметаат за корисна доблест. В.Б.Н.