Компанијата „Смарт флауер солар“, со седиште во Бостон, произведува соларни панели во форма на сончоглед, кои генерираат повеќе енергија од конвенционалните панели. Сончевата структура е висока пет метри, а се отвора и затвора во зависност од движењето на сонцето. Тој генерира околу 5.000 киловат-часа енергија годишно, а собира и до 40 проценти повеќе енергија од стандардните соларни панели. Системот наречен „смарт флауер плус“ има своја батерија, така што корисниците можат да произведуваат и складираат чиста, обновлива енергија.
Соларните компании и инсталаторите сега ќе можат да ги понудат „најпаметните“ и најатрактивни системи за собирање и складирање на сончевата енергија, кои имаат две оски и можност за следење на сонцето. Потребата за сончева енергија и складирање енергија расте, а инсталацијата на „смарт флауер плус“ ќе донесе големи промени во индустријата – изјави Џим Гордон, извршен директор на компанијата.
Батериите се функционални дури и при екстремни температури, од минус 40 до плус 60 степени, и нудат двојно повеќе употреблива енергија, 50 отсто се подолготрајни и 100 пати побрзи од типичните оловно-киселински батерии.
Во март оваа година, „Водафон Шпанија“ ги искористи овие системи за да ја постигне својата цел, а тоа е да користи 100 проценти електрична енергија од обновливи извори. Соларните панели „смарт флауер“ се користат во седиштето на компанијата во Мадрид. До август оваа година, 350 вакви системи беа инсталирани во САД и 1.800 во Европа. Реално е да се очекува тој број во иднина да биде поголем.