Со македонската премиера на филмот „Нов бран – 40 години подоцна“, утревечер, во Кинотека ќе започнат деновите на „Кроација рекордс“ во Скопје. Имено, во чест на четири децении од објавувањето на култниот албум „Пакет аранжман“, но и серија други албуми, кои му припаѓаат на движењето познато како новиот бран („нови вал“, „нови талас“) – „Шарло Акробата“ – „Бистрији или тупљи човек бива кад…“, како и деби проектите на „Електрични оргазам“ и „Хаустор“, најголемата дискографска куќа во регионот – „Кроација рекордс“, на почетокот на оваа година го реализира филмот „Нов бран – 40 години подоцна“, на авторот Никола Кнежевиќ, музички уредник во дискографската куќа.

Кнежевиќ, заедно со белградската новинарка Олга Кепчија (радиоводителка на Београд 202), за таа пригода направи серија интервјуа со главните актери што беа дел од приказната, новинари, музички продуценти, дизајнери, дискографи…, и со помош на ЦМЦ Телевизија тоа беше склопено во филм, со времетраење од 101 минута.

По проекцијата на филмот „Нов бран – 40 години подоцна“, на летната сцена на Кинотека – „Мирно лето“, Никола Кнежевиќ, заедно со Иван Беќковиќ, супервизор на „Кроација рекордс“ за Македонија, ќе имаат трибина на која ќе зборуваат за значењето на новиот бран на овие простори, за што интересот од страна на публиката и по 40 години не се намалува, туку напротив.

Досега филмот беше претставен во Белград, на „Мартовскиот фестивал“, како и на фестивалот „Докн ритам“ во српската престолнина и во Крагуевац, во рамките на „Арсенал фест“.

Задутре (18 август), по цели 30 години, ќе биде претставена актуелната винилна програма на оваа издавачка куќа – винилите од „Нови вал“, „Индекси – Модра ријека“…, како и компакт-дискот „Зафир пјева, Македонија пјева“, кој беше објавен лани за „Југотон Кроација рекордс“, но поради коронавирусот не можеше да ѝ биде претставен на јавноста. Во меѓувреме големиот поет, актер и музичар Зафир Хаџиманов почина, но остана аманетот албумот објавен на компакт-диск (винилот е од 1986 година) да биде промовиран во неговото Скопје.