Фото: Горан Вејвода и „Кроација рекордс“ - архива

Веќе на 22 јануари следната година на музичкиот пазар ќе бидат реиздадени некои култни албуми од времето на ова култно музичко движење

Во пресрет на големиот јубилеј – 40 години од појавата на музичкиот правец нов бран, дискографската куќа „Кроација рекордс“ најавува неколку изданија на задоволство на дискофилите во регионот. Имено, веќе на 22 јануари следната година, на музичкиот пазар ќе бидат реиздадени некои култни албуми од времето на ова култно музичкото движење.
Како ексклузивни реизданија, по цели 40 години, светлината на денот повторно ќе ја здогледаат: „Пакет аранжман“, единствениот албум на „Шарло Акробата“ – „Бистрији или тупљи човек бива кад…“, како и дебитантските остварувања на групите „Електрични оргазам“ и „Хаустор“.
Сите носачи на звук ќе содржат досега необјавени фотографии, интервјуа со живи сведоци од тоа време, со некои од членовите на споменатите бендови, текстови на музички критичари и новинари, скенирани документи од богатата архива на „Југотон“/„Кроација рекордс“ и ремастеризирани снимки од оригинални ленти, направени од искусниот Горан Мартинац. Графичката реставрација на оригиналните изданија и дополнителниот уметнички дизајн беа направени од врвниот графички дизајнер Дарко Кујунџиќ.
Винилите што повторно излегуваат се во различни бои, па, така, добиваме црвен „Пакет“, бел „Шарло“, жолт „Оргазам“ и „Хаустор“ во класично – црно издание.
– Новиот бран е најважното рок-движење во регионот, кое засекогаш ја обележи музичката сцена. Но истовремено тоа беше многу повеќе од рок-движење – беше бунт што го смени текот на музичката сцена, создаде нов звук и идентитет, но исто така гласно зборуваше за теми што дотогаш не постоеле во музиката.

Тоа беше бран од минатото што целосно беше разбран дури во иднина, па со нетрпение се чека она што следува – прослава на 40 години од овој голем историски момент. И денес, по четири децении новиот бран е свеж, со силни пораки, музички и креативно брилијантен, но, за жал, без некои драги луѓе, без кои тој сигурно немаше да постои – вели Иван Бечковиќ, претставник на „Кроација рекордс“ во Македонија.
Тој дополни дека оваа дискографска куќа, многу активна периодов, е подготвена да се врати во 1981 година, во која излегоа некои од најголемите албуми во историјата на регионалната музика на просторот на некогашна Југославија.

– Еден вид најава за овие реизданија е компилацијата од 100 оригинални песни – нов бран, која ќе содржи пет компакт-диска и треба да излезе во текот на декември. Дотогаш тимот од одделот „Кро Рек дигитал“ ќе биде ангажиран на изработка на лирик-видеа за сите песни што се наоѓаат на винилни реизданија. „Кроација рекордс“ исто така најавува почеток на реализација на документарен филм за значењето на новиот бран за тогашната југословенска и денешна регионална музичка сцена – најави Бечковиќ.
По објавувањето на сите овие содржини и нивната регионална промоција, дизајнерскиот тим Сања Бахрах Криштофиќ и Марио Криштофиќ, во соработка со „Кроација рекордс“, ќе ja реализирa цеде-компилацијата „Хероине новог вала“, која ја вклучува работата и голем придонес на жените во новиот бран, рокот и популарната музика во 1980-тите години.