Поп-дивата Адел со објавувањето на својот прв албум по шест години подеднакво ги освои критичарите и обожавателите, со дело за кое рече дека го направила за да му го објасни на својот мал син разводот низ кој помина, пренесуваат британските медиуми и потсетуваат дека таа се разведе од сопругот Сајмон Конеки во 2019 година. Многу очекуваниот „30“ е четвртиот студиски албум на Британката, чии балади за раскинувања, жалење и носталгија ја направија една од најуспешните пејачки текстописци на сите времиња.
Во нивните рецензии критичарите ја пофалија искреноста на албумот, во кој Адел се отвора со прекрасни гласовни ноти снимени со нејзиниот син Анџело (9).
– Таа никогаш не звучела пожестоко отколку во „30“, поживо кон сопствените чувства, повиртуозна во преточување на чувствата во песни за клучот на својот живот – напиша Роб Шефилд од магазинот „Ролинг стоун“, во својата рецензија со пет ѕвезди, додавајќи дека албумот е најдобар на Адел досега.
Албумот „30“ го следи „25“ и како и нејзините претходни албуми е со наслов според возраста, пресвртница во животот на пејачката на вечните хитови „Someone Like You“ и „Hello“. Поп-дивата го направи своето враќање во музиката минатиот месец со „Easy On Me“, моќна балада со пијано-придружба, која брзо се најде на врвот на топ-листите во светот. Очекувањата за „30“ се доста големи, пишуваат медиумите, а некои од нив издавањето на овој албум го сметаат за музички настан на годината.