Во Младинскиот културен центар во Скопје в сабота, со почеток во 20 часот, на два подиума, музичкото радио Канал 103 организира целовечерен фестивал со исклучително квалитетни бендови и артисти од Велика Британија, Шведска, Албанија и од Македонија, сите со актуелни албумски изданија за 2018 година. Фоајето на киното „Фросина“ ќе биде резервирано за традиционалниот настап на диџеите од Стотројка.

– Стотројка реши повторно да ја измести публиката со еден современ музички настан, во духот на 27-годишниот процес на создавање автентична контрастварност, духовна агора во која се пронаоѓаат и дејствуваат нови и нови напредни и храбри протагонисти на својот автентичен поглед на светот – 103 генерации. Во слава на музиката, слободниот дух и градот, против стравот од промени и напредок, доминантната општествена глупост и примитивизам, омраза, национализам и разни теории на заговор – велат организаторите на овој настан.

Главните адути на концертот се шведскиот маг на софистицираниот електронски звук „Д Филд“ и британските психоделични гитар-рок херои „Д осцилејшн“. Тука е и одличниот тандем од Тирана, „И траме и твраме“, како и домашните миленици на инди/построк-публиката „Сусијат“. Сите четири имиња во Скопје ќе ги промовираат своите најнови албумски изданија, објавени во 2018 година, што на целиот настан му дава доза свежина, актуелност и ексклузивност.

Билетите се веќе пуштени во продажба во „Југотон рекордс“, МКЦ и во продажната мрежа на „МК тикетс“, по цена од 350, а на денот на одржувањето на фестивалот ќе чинат 500 денари.