Наградуваната анимирана серија „Рик и Морти“ се враќа со петтата сезона, која ќе биде ексклузивно достапна на „Ејч-би-о гоу“ од 21 јуни. Истиот ден сите претходни сезони ќе бидат дел од понудата на „Ејч-би-о гоу“.

Хит-комедијата на Адолт Свим го следи научникот и социопат Рик Санчез. Откако е исчезнат речиси 20 години, Рик Санчез ненадејно доаѓа во домот на ќерка му Бет за да живее со неа и нејзиното семејство. Иако Бет топло го прифаќа Рик во нивниот дом, нејзиниот сопруг Џери не е толку среќен поради тоа. Џери е загрижен за Рик, научник социопат, поради тоа што тој ја користи гаражата како лична лабораторија. Таму Рик работи на голем број научнофантастични направи, од кои некои може да се сметаат за опасни. Но не е само тоа што го загрижува Џери. Рик исто така патува на авантури низ универзумот во кои често ги вклучува своите внуци Морти и Самер.

Гласовите на главните ликови ги позајмуваат актерите Џастин Ројланд, Сара Чок, Крис Парнел и Спенсер Грамер. Автори и извршни продуценти на серијата се Ден Харом и Џастин Ројланд.