Групата „Д.Н.О“, по објавувањето на синглот „Девојка“, повторно има нов сингл, но овој пат и со видеозапис, под името „Чувај ме“. За изработката на овој видеозапис се погрижи продуцентската куќа „Фабрика“, каде што како режисер се јавува Љупчо Трајковски, а за камера беа задолжени Јаков и Марјан Огненовски. Надворешен соработник за фотографија е Дарко Шахпазов.
Спотот се снимаше во денсинг-салата на Младинскиот културен центар. Музиката се снимаше во „Студио спална соба“ и „Алшар студио“, во изведба на Владимир Поп-Христов Мио, вокал и бас-гитара, Тони Мичевиќ на гитари и Михаил Парушев на тапани.
На мое огромно задоволство, целата организација околу сѐ одеше како подмачкана, јас сум многу среќен и бескрајно благодарен на целата екипа од „Фабрика“, Дарко Шахпазов, Русе Арсов, како и на МКЦ, кои излегоа во пресрет и се надевам на понатамошна соработка за вакви убави работи во, се надевам, поубави времиња – вели Мио.
По завршувањето на летните одмори, групата планира и официјална промоција на видеозаписот за песната „Чувај ме“, на која ќе настапи со еден мини-концерт како најава на долгоочекуваниот албум, кој треба да излезе во 2022-та.