Модната дизајнерка Стефанија Насеска креациите за претстојната есен/зима ги спакува во нова колекција за двата пола, под наслов „Вoјаж“. Називот не алудира на патување низ просторот, туку низ времето.
– Инспирацијата ми проникна од македонските народни носии. Позајмив специфични елементи и ги имплементирав во крајно модерни кроеви, обидувајќи се да направам спој на минатото и сегашноста, согледани од некое идно време. Ако имаме богатство што треба да го негуваме, тогаш токму ова е нашето. Должни сме да го пренесеме и на следните поколенија – објаснува дизајнерката.

„Војаж“ е прва колекција на Стефанија Насеска што е комплетно одржлива. Парчињата се изработени од природни материјали што не загадуваат при нивното производство, или, пак, од фабрички остатоци и рециклирани материјали, со што се придонесува кон нула загадување на животната средина. Освен од еколошка гледна точка, таа е значајна и од етички аспект, бидејќи е подготвена со целосна посветеност на дизајнерката, без експлоатација на работничкиот труд: За реализација на едиторијалот, снимен на повеќе впечатливи локации во градот, Стефанија Насеска првпат оствари соработка со модниот фотограф Сони Романов.