Емисијата „Еден на еден“ ја почнува својата 10-та сезона. Од студиото со црни завеси во А2 и еден навидум обичен ТВ-проект осмислен од Жарко Димитриоски, „Еден на еден“ денес е супербренд и единственото вечерно телевизиско шоу што една деценија успешно опстојува во македонскиот етер.

Преку А1, МКЦ, Алфа, Телма и Канал 5, со над 230 епизоди и 300 гостувања на домашни и на странски ѕвезди, јавни и нејавни личности, со многу скечеви, смеење, музика и илјадници минути квалитетно исполнет концепт, „Еден на еден“ ја почнува и следната приказна наречена сезона 10.

Во освежено студио, со нова музичка поддршка од фантастичниот „Харе бенд“, со многу ентузијазам и идеи за следните триесетина епизоди, тимот на Жарко Димитриоски синоќа го почна снимањето на првите епизоди.

Како што е редот, почнуваме со легендарниот Гоце Тодоровски и со посебен поздрав до човекот со кого сѐ уште растат генерациите – Ванчо Петрушевски. Се дружевме и со новиот музички хит, членовите на „Дупер“ и не заборавивме на крајот и самите да запееме нешто.

И оваа година следете ја „Еден на еден“ секоја недела. Се гледаме на 21 октомври од 18.30 часот на Канал 5.