Малкумина веруваа дека принцот Хари, човек со мало искуство за корпоративно управување, ќе се вработи во фирма како „Бетер ап“, компанија која нуди обуки за професионален развој, пренесува „Блумберг“.

Интересно е што токму оваа компанија претходно му помогна на Хари во напредувањето во неговата кариера и тој неколку месеци ги користеше нивните услуги. Тој склучи зделки со „Нетфликс“ и „Спотифај“, а сега е назначен за претставник за животен тренинг и ментално здравје во самата „Бетер ап“.

На новата работна позиција се очекува Хари да учествува во иницијативи кои ќе опфаќаат одлуки за стратегија за доделување на доброволни донации, како и да говори за теми поврзани со психичкото здравје.

Хари не е првиот член на кралското семејство што ја има замени палатата за работна канцеларија. Допрва ќе се види дали тој ќе ги следи оние членови од кралското семејство што беа успешни, како што е братучедот на неговиот татко, ерлот од Сноудон, Дејвид Армстронг-Џонс, или ќе заврши како оние со посиромашни резимеа, како неговите чичковци, принцот Ендру и принцот Едвард.

Вработувањето на членови од европската аристократија е позната и успешна тактика на голем број фирми во водењето на нивниот бизнис. Доколку компанијата сака да се прошири и да остави поголем белег на меѓународно ниво, внукот на кралицата Елизабета ќе ѝ биде од голема помош, односно голем број директори ширум светот нема да можат да одолеат на неговите повици.

Но, дури иако повиците на Хари не резултираат со профит, тој веќе ја докажа својата вредност во компанијата. Пребарувањата за „Бетер ап“ на Гугл вртоглаво се зголемија по објавувањето за неговото вработување, како и пребарувањата за неговата функција.

Сепак, вработувањето на принцот Хари е во прилог и за двете страни, бидејќи „Бетер ап“ се усогласува со неговите вештини и вредности. Хари долго време беше поборник за подобрување на менталното здравје, а со работењето во „Бетер ап“ тој истовремено ќе им помага на другите, додека се подобрува и самиот себе.