„Лудиц дримс ин торм реалитис“ е новата колекција есен/зима на модната дизајнерка Јована Филиповиќ, во соработка со Ајбуке Баркчин.
Колекцијата претставува олицетворение на едно пријателство, кое доведе до соработка, каде што двајца креативци решија да размислат за разорните ефекти на пандемијата и да претстават колекција што ја потенцира важноста на сонувањето и младешката фантазија.

Женственоста, функционалноста, елегантноста и препознатливиот монохроматски израз на Јована Филиповиќ, овој пат е дополнет со енергијата и уметничкиот израз на Ајбуке Баркчин, која се јавува како кодизјанер/соработник на колекцијата. Своето искуство Баркчин го гради најпрвин во Турција, студирајќи меѓународни односи и графички дизајн, а потоа го надградува знаењето во Америка, Франција, Хонгконг и на крајот во Италија на факултетот за мода „Полимода“, каде што им се спојуваат патиштата со Јована и веќе истата година почнуваат да соработуваат на неколку проекти.

Токму тоа пријателство е и почетната инспиративна точка на капсулната колекција за есен/зима 2021 и обидот да се трансформираат нивните две тотално различни креативни енергии во еден хомоген приказ.
– Втората инспирација за „Лудиц дримс ин торм реалитис“ е спој од книгата на Луис Керол, „Алиса во земјата на чудата“, и јапонското аниме „Паприка“, базирано на новелата на Јасутака Цутсуи – информира Филиповиќ.

Колекцијата содржи вкупно 18 изгледи и секој изглед по себе носи некоја приказна раскажана или прераскажана во вид на форма, идеја, порака или принт.