Дизајнерот Оливеира Батиста објаснува дека сликата на пчеларката била првото нешто што му се појавило пред очи во моментот кога помислил на договорот помеѓу човештвото и екосистемот

Новата колекција за сезоната пролет-лето 2021 година на светски познатиот моден бренд „Кензо“ е инспирирана од македонскиот документарец на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, „Медена земја“, кој беше номиниран во две категории за најпрестижната филмска награда „оскар“. Колекцијата беше претставена деновиве на Модната недела во Париз.
Дизајнерот на „Кензо“, Оливеира Батиста, кој е опседнат со природата, со корени во раскошните ридови на Азорските Острови, има цел да ја спои својата работа со хармоничните и оптимистички аспекти на околината, теми што се исто така клучни за „Кензо“. Тој исклучително многу користи пластика што може да се рециклира, работи со Светскиот фонд за природата за удвојување на глобалното население на тигри (заштитен знак на „Кензо“) и работи на уште голем број други еколошки свесни проекти.
Колекцијата со која оваа ревија беше отворена оваа недела во Париз, вклучуваше дизајни слични на заштитни пчеларски костими, инспирирани од „Медена земја“, документарниот филм за пчеларката од рурална Македонија.

Филмот го прикажува контрастот помеѓу неговиот протагонист, жена што ги почитува пчелите и за себе го зема само потребното количество мед за да преживее, „половина за мене, а половина за тебе“, и нејзините соседи што го уништуваат екосистемот поради својата алчност.
– Тоа е една од најстарите соработки помеѓу човекот и природата. Сакав да искажам нешто за кревкоста на ситуацијата во која се наоѓаме. Ние целиме кон високо ниво, сонуваме за оптимизам и иднина и се враќаме на работите што исчезнуваат – вели Оливеира Батиста, објаснувајќи дека сликата на пчеларката била првото нешто што му се појавило пред очи во моментот кога помислил на договорот помеѓу човештвото и екосистемот.
Елементите со кои тој ја дополнува својата колекција навестуваат потреба за преживување. Адаптабилен капут со повеќе џебови може да се свие во себе и да се трансформира во торба за ѓубре, од патентот на дното на тркалезните кожни чанти излегува посебна џиновска торба за шопинг, капут сличен на кожурец со капа што се навлекува над телото може лесно да се вметне во научнофантастичен филм за карантин… Дури и цветните принтови од архивите на „Кензо“, кои се избледени за да изгледаат нејасно, предизвикуваат ефект на цвеќе што се лепи на прозорецот додека врне, слика што ја гледаме кога сме затворени внатре.

Можеби ненамерната склоност на Оливеира Батиста кон дистопијата служи како негова предност. Наместо нешто слатко, неговата колекција понуди чувство на потреба од самозаштита со што очигледно погоди одреден нерв во време кога околината ни се спротивставува.
– Не знаеме ни од што да се плашиме и во што да веруваме. Целата идеја за заштита станува апстрактна – вели дизајнерот.