Нобеловец тврди дека постоел уште еден универзум пред нашиот

Добитникот на Нобеловата награда за физика, сер Роџер Пенроуз, тврди дека постоел уште еден универзум пред Големата експлозија, а доказот за тоа сè уште постои во форма на црни дупки. Набрзо откако беше објавено дека тој е добитник на Нобелова награда за значителни успеси во теоријата на релативноста на Ајнштајн, како и докази за постоењето на црните дупки, Роџер Пенроуз во интервју за британски „Телеграф“ изјави дека пред нашиот имало уште еден универзум и дека неговата енергија ја чувствуваме преку црните дупки.
Пенроуз тврди дека т.н. точки на Хокинг – точки на големо, необјасниво електромагнетно зрачење на небото, се остатоци од некој претходен универзум.
Оваа претпоставка е дел од теоретскиот модел на универзумот наречен конформална циклична космологија. Според оваа теорија, точките на Хокинг го претставуваат последното исфрлање на енергијата (во форма на таканаречено зрачење на Хокинг) од постариот универзум, преку црна дупка.
Црната дупка е објект чие гравитациско поле е толку силно што ниту еден облик на материја или зрачење, па дури ни светлина не може да му се спротивстават. Можно е еден таков објект да се наоѓа во средината на нашата галаксија. Научниците Рејнхард Гензел и Андреа Гез, кои ја делат Нобеловата награда со Пенроуз, дошле до најубедливите докази за претпоставката дека во средината на Млечниот Пат се наоѓа супермасивна црна дупка.

Постои можност временскиот период потребен за целосно исчезнување на црната дупка да е подолг од сегашната старост на нашиот универзум, а со тоа ова исчезнување е невозможно да се набљудува.
– Нашиот универзум постојано се шири и целата маса пропаѓа со текот на времето, а според оваа моја луда теорија, таа далечна иднина станува Голема експлозија за некој нареден еон. Според тоа, нашата Голема експлозија започнала со нешто што било далечна иднина за некои претходни еони и тогаш постоеле слични црни дупки во фаза на исчезнување, кои ги произвеле овие точки што јас ги нарекувам Хокингови точки. Сега ги гледаме овие точки. Тие имаат околу осум пати поголем дијаметар од Месечината и се малку потопли од нивната околина. Имаме мошне цврст доказ дека постојат најмалку шест такви точки – наведува нобеловецот.
Сепак, многу научници остро ја отфрлаат оваа претпоставка, тврдејќи дека сè уште не постои цврст доказ за видот на зрачењето што излегува од црните дупки. Исто така, за да може бесконечно голем универзум да стане бесконечно мал, потребно е сите честички да ја изгубат својата маса со стареењето на универзумот, што исто така е често оспорувана претпоставка.

Според стандардната космологија, универзумот по Големата експлозија поминал низ краток процес на ширење во кој биле елиминирани неправилностите во неговата структура. Како одговор на овие критики, Пенроуз вели дека црните дупки долго време биле отпишувани како чисто математички концепт, сè додека не било докажано нивното постоење во реалноста.