Вилијам Г. Кејлен Јуниор (САД), Сер Питер Ј. Ретклиф (Велика Британија) и Грег Л. Семенза (САД) заеднички ја делат Нобеловата награда за медицина за 2019 година за своите откритија, за тоа како реагираат клетките на различно ниво на кислород во организмот.

– Откритијата направени од тројцата мажи имаат фундаментално значење за физиологијата и го отворија патот за нови стратегии во иднина за борба против анемијата, ракот и многу други болести – велат од институтот „Каролинска“.

Во соопштението се вели дека научниците идентификувале молекуларна машинерија што ја регулира активноста на гените во одговор на различни нивоа на кислород.

– Тие воспоставија основа за наше разбирање за тоа како нивото на кислород влијае врз клеточниот метаболизам и физиолошката функција – се додава во соопштението.

Триото ќе ја дели еднакво и наградата од 9 милиони круни (918 илјади американски долари). Нобеловата награда за физиологија и медицина се доделува од 1901 година. Ова е 110-та награда во категоријата.