Годинава празничниот период ќе изгледа поинаку. Со многу ограничувања, без прослави на плоштад, клубови, со малку огномети или без, дома, во интимна атмосфера. Владите на Англија, Шкотска, Велс и на Северна Ирска заеднички се согласија и одлучија да дозволат собир на до три домаќинства или таканаречен „божиќен меур“. Луѓето можат да се мешаат во домови, да посетуваат места за богослужба и простори на отворено, а ограничувањата за патување исто така ќе бидат намалени.
Божиќната трпеза нема да биде богата како секоја година. За помалку луѓе е потребно помалку храна. Работните прослави ќе се преселат на платформата Зум или на други онлајн платформи, со оглед на тоа што не се препорачливи собири во пабови, ресторани, кафулиња. Онлајн шопингот веќе на големо се практикува. Многу новогодишни подароци се избираат преку интернет со достава, без никаков контакт со лицата за кои се наменети. А новогодишната ноќ ќе биде тивка во семејна атмосфера, затоа што и забавите во домовите се забранети на повеќето места.