Нил Јанг неоспорно е еден од најголемите и највлијателни луѓе во историјата на рок-музиката. Тој е актуелен музичар и релевантен текстописец уште од времето на почнувањето на својата соло-кариера на почетокот на 1960-тите години. Тоа е времето на формирање на групата „Бафало Спрингфилд“ (1966) – извонреден и исконски бенд; членување во групата „Крозби, Стил, Неш и Јанг“ (суперквартет на американскиот рок), како и време на свирење и слушање „каллива“ музика на фестивалот „Вудсток“; и секако, време на создавање на групата „Крејзи хорс“ (1969) – група со која Јанг ја создаде својата рокерска поетика. Музичкото дело, квалитетните и актуелни текстови и потписот на сите негови авторски песни, ја надминуваат неговата долга кариера како музичар, гитарист, пејач, текстописец, продуцент, сценарист и режисер. Сиве овие години, повеќе од 50, тој е актуелен автор, способен да изрази вистинско чувство, да создаде промена, да направи експеримент. Тој е персонификација на едно време и на идеите што го обележаа. Човек верен на младешките идеали. Светилник на времето минато, блескав ориентир за времето идно.

Неговиот стих: „Подобро да изгориш, отколку да ’рѓосаш“, стана слоган што на човековото битисување му даде сосема нова смисла. Младите го прифатија како свое мото и преку рокенрол, дрога и секс, живееја свој независен живот, давајќи му отпор на државниот естаблишмент. Во тоа време, а богами и денес, одењето на неговите концерти беше вистински музички аџилак и затоа тој беше и остана јунак на рокенрол-верата. Мартир и светец. И денес да се биде на негов концерт е незаборавна рокерска ескапада, музичко уживање преку сурфање на брановите на музиката што тој ја продуцира. Се слушаат извонредни песни, животни приказни, има крвави прсти, скинати гитарски жици, бука, бес. Но и љубов, надеж и вера. Тоа е вистинска музичка суштина. Затоа, кога ги гледаме и ги слушаме снимките од неговите концерти, кај нас се обновува рокерската вера.

Веќе во 1980-тите години Јанг имаше голема колекција албуми-класици, како што се беспрекорните: првиот „Americana“, вториот „Psychedelic Pill“, и другите што следуваа „Everybody Knows This is Nowhere“ (1969), „After the Gold Rush“, „Harvest“ (1972), „Tonight’s The Night“ (1973), „On the Beach“ (1974), „Zuma“ (1975), „Comes a Time“ и „Rust Never Sleep“. Во нив тој прави микс од кантри и фолк-рок, а богами истражува и во областите на техното, преку ривајвл-рокабили, па до синтетички звук и славенички ритам и блуз. Сето тоа го слушаме во совршените песни, како „Down the River“, „Cinnamon Girl“, „Cowgirl In The Sand“, „Old Man“, „Heart of gold“, „The Needle and the Damage Done“. Во сите нив има од акустична гитара блиска на фолк-рокот, преку електрични песни на хард-рокот, па сѐ до никулци на гренџ-акордите. Имаме два екстрема: нежен и чувствителен пејач и прагренџ-металец. Уметноста на Јанг во тој период со неколку збора да ги изрази чувствата на една генерација, која почна да се губи, е чудесна. Едноставно неговата музика има катарзичен ефект. Во неа има многу тага, и нешто толку исконско, би рекле патос во чиста состојба. Тука сме присилени да се запрашаме кој е Нил Јанг и каков уметник е тој. Дали е преживеан меланхоличар од распрсканиот хипи-сон? Можеби привремен антимондијалист? Или, пак, јансенистички шумар подготвен да ги убие заблудените холивудски хедонисти, како во песната „On The Beach“? Може да е и непоткуплив маргиналец хуманист, секогаш подготвен да појде во крстоносна војна? Најсигурно, тој е концентрат од сето ова, освен доколку во меѓувреме не се скрил зад некоја нова маска?

Храбар и тврдоглав поединец што повеќе од 50 години пишува извонредни песни и преку нив праќа вистински пораки до нас живите суштества на планетата Земја, за да нѐ мотивира, да нѐ оттргне од летаргијата и да нѐ убеди на бунт и отпор за обезбедување похумано општество, социјална правда, еколошки чиста планета, правда и мир. Тоа се гледа во потресната протестна песна „Ohio“, посветена на четирите убиени студенти во универзитетот „Кент“, „Rockin in the Free World“, песна против конформизмот на државниот естаблишмент на Џорџ Буш, „Love And Only Love“, нумера на апстрактниот гитарски експресионизам на Јанг со која тој нѐ води во рокенрол-земјата на чудата, „Powderfinger“, најдобра наративна песна на целокупното рок-наследство, од која произлезе цел музички жанр, познат како американа, нумерата „Walk Like A Giant“, психоделична химна во која се сведува животниот биланс и се констатира неоствареноста на соништата, и секако песната „Heart of Gold“, несомнено вонвременски мегахит, кој кога и да го слушам, како да ми трепери душата и чувствувам дека се соочувам со милиони енграми што оваа нумера ги испраќа кон нас слушателите. Сепак, за мене најдобра песна е „Harvest Moon“, во која на преден план се неговиот висок нежен глас на граница на пукање и хармоничните акорди што само тој може да ги создаде на акустична и електрична гитара, органа и хармоника.
Токму поради сето ова, творештвото на Нил Јанг е повеќе од песна, музика и уметност.

Тоа е трансценденција во која животниот пораз станува херојски подвиг, а промашените и пропаднати сништа, веќе се мера за човечноста. Кариерата на Нил Јанг, според важност и влијание, може да се мери само со онаа на Боб Дилан. Двапати е примен во Рокенрол-куќата на славните – првиот пат како соло-уметник, во 1995 година, и вториот пат како член на „Бафало Спрингфилд“, во 1997 година.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)