Горд сум на ова дело затоа што во него е собрано целото мое музичко и животно искуство, вели Мицевски

Познатиот македонски композитор и инструменталист Никола Мицевски, со синглот „Круг“, го најавува албумот „Nеw еrа“, кој е во подготовка, а според најавите треба да излезе до крајот на годинава.
Мицевски е автор на музиката и на аранжманот на ова дело, а свири и на пијано. Вели дека создавал во жанрот ворлд фјужн, кој отсекогаш го инспирирал во творештвото.
Во реализацијата на „Круг“ учествуваа и музичарите: Зоран Костадиновски на гитара, Иван Кукиќ на бас, Благоја Антовски на тапани и Петар Христов на сопран саксофон. Во гудачката секција беа: Владимир Крстев, Илија Филиповски, Верица Ајтовска, Дијана Мирчевска, Марија Трајковска и Емил Чичоновски. Синглот е снимен во студиото „Икс-ел Момировски“.
– Се надевам дека и музиката и спотот ќе допрат до публиката, која ќе го препознае мојот начин на музичко изразување. Горд сум на ова дело затоа што во него е собрано целото мое музичко и животно искуство. Животот навистина е круг, исполнет со разни нешта, а секој нареден почеток е ист како претходниот, но секогаш искуството (каменот) е поголемо и тоа нѐ води кон врвот на тоа што сакаме да го имаме и постигнеме – ни доловува Мицевски дел од симобилката на песната и на спотот за „Круг“.

За оригинална видеоприказна најзаслужен е Даниел Јовески, кој веќе стана познат по филмскиот пристап кон изработката на спотовите.
– Даниел со генијалниот видеозапис на „Круг“ му даде уште една поинаква димензија, а огромна благодарност упатувам до сите музичари и креативци што се дел од овој проект – додава Мицевски.
Инаку, во спотот улогата на детето ја игра Андреј Димовски, момчето е Михаил Талев, девојката ја играше Јулијана Митревска, а Мендо Вељановски го игра возрасниот човек.
Во текот на измината пандемиска година, Никола, наспроти сѐ, непречено работел на новиот материјал.
– Искрено, ниту јас ниту кој било посакуваше и помислуваше дека светот ќе се најде во ваква ситуација, која генерално не е добра за многу професии, а особено за музичката фела во целиот свет. Но целото ова време-невреме, јас успеав да функционирам беспрекорно, особено она што значи творење музика, снимање во студио, остварување повеќе соработки, и можам да кажам дека ми беше еден од најкреативните и најплодни периоди во животот – открива Мицевски.
Новиот материјал, инструментална авторска музика што ќе се најде на албумот „Nеw еrа“, е сублимација на целото негово искуство и знаење, посегнување по најдлабокиот извор на музиката, до дното на неговата душа.

– Мора да признаам дека сум премногу возбуден од креативниот наплив што го чувствувам. Албумот се вика „Nеw еrа“, по малку симболично, нов почеток, нов правец, нов начин на изразување, функционирање. Се надевам дека до крајот на годината ќе биде готов целиот албум и заедно со дел од Македонската филхармонија, која впрочем е дел од студиските снимки, ќе направам еден голем концерт со тој материјал – најавува еден од најталентираните, најуспешни и најангажирани млади македонски композитори.
Освен на новиот албум, Никола Мицевски периодов работи и на други проекти.
– Работам на албумите на неколку наши изведувачи, а особено задоволство ми е соработката со млади талентирани луѓе. Моментално работам на дел од музиката за еден македонски филм во странска продукција, кој наскоро ќе биде промовиран, а правев музика и за неколку македонски документарни филмови, од кои би го издвоил „Боите на Преспа“ – ни рече неуморниот Никола Мицевски.