Фото: Дарко Андоновски

Во студиото на Ѓорѓи Крстевски

Во моето творечко ковчеже има толку многу нови песни, идеи, но ќе видиме кога сето тоа ќе се реализира. Чекам некој импулс во себе и во целокупното опкружување, вели Ѓорѓи Крстевски

Од денеска почнуваме со серија текстови насловени „Во студиото на…“, при што ќе ги посетуваме музичките студија на наши познати композитори, музичари, пејачи и, доловувајќи ја нивната креативна атмосфера, ќе разговараме за нивните активности, планови, успеси… Серијата ја почнуваме во студиото на познатиот кантавтор Ѓорѓи Крстевски

Ѓорѓи Крстевски веќе 20 години е активен на македонската музичка сцена. И денес, како и кога почнуваше, плени со своите емотивни балади, со гласот што не старее, туку напротив станува сѐ подобар со годините, со текстовите во кои се препознаваат многумина. Можеби токму искреноста, со која и денес посветено работи и создава, во комбинација со неоспорниот талент е една од причините поради кои публиката ги сака неговите песни. „Таму некаде“, „Посилни од сѐ“, „Песна за тебе“, „Несудена“, „Засекогаш“… се само некои од хитовите што го положија тестот на времето и денес со задоволство се слушаат.

Крстевски го посетивме во неговото студио „Крстевски ентертејмент, аудио и видеопродукција“, каде што тој ги реализира своите музички идеи, компонира нови композиции, но и каде што со својот тим реализираат спотови и за други изведувачи и групи. Ѓорѓи ни откри дека во моментот работи на нови песни за себе, но сѐ уште не одлучил кога ќе ги сподели со својата публика.

На што работите сега во вашето студио?
– Тука секогаш е полно со луѓе и со музика. Се снимаат нови песни, се пишуваат текстови, се прават аранжмани, продуцираме музички спотови. Во видеопродукцијата имаме соработници, постојани и оние што гостуваат. Музичкото студио постои од 2004 година, а како видеопродукција веќе шест години. Досега се реализирани доста проекти, забавни, народни, етно… Музиката нема граници, стилови, за мене постои само добра, и не толку добра музика. Денес стиловите се измешани, се користат електрични гитари во фолк-песни, народни инструменти во рок и поп-песни, еволуираат правците, сите трагаат по совршениот звук. Отсекогаш сум тежнеел да експериментирам и да не се ограничувам во творештвото.

Од она што сте го сработиле во последно време за други изведувачи, што би издвоиле?
– „Еве ме пак“ и „Солза за крај“ со Александра Јанева станаа големи хитови, ја снимивме „100 песни“со „Ту Би“, со убаво видео, ведро звучи, тука е и „Љубов моја си“ со Тања Б. и неколку композиции со современ етно чалгиски призвук.

Песните како „Таму некаде“, „Посилни од сѐ“, „Песна за тебе“, „Несудена“, „Засекогаш“ и други вечно зелени теми го обележаа вашето творештво. Дали е тоа вистинскиот пресек на сработеното досега?
– Повеќето ги одделуваат овие песни како нивни омилени, а атмосферата и реакциите на концертите и настапите на овие нумери секогаш била магична, но често се случува и за некоја песна што буквално сум ја заборавил, да каже некој дека токму таа за него е најдобра и најмногу го допира, тоа посебно ме радува. Постојано публиката открива нови песни, некои од нив се стари и дваесетина години. Пред извесно време на Водно ми пријде една девојка, ме праша дали на Јутјуб го има спотот за „Untouchable“? Не верував дека некој сѐ уште се сеќава на таа моја прва песна, која е на англиски јазик.

Размислувате ли ги ставите на некој носач на звук, како повод за повторно активирање?
– Би можело, некогаш веројатно и тоа ќе се случи, но моето следно појавување на сцената би било со нов материјал.

Што е најново кај вас, како автор и интерпретатор?
– Има многу нови песни, некои веќе се снимени, за две имаме снимено и видеозаписи. Некои звучат етно, некои се мешавина на повеќе стилови, има и балади. Никогаш не сум бил во дефицит со песни. Во моето творечко ковчеже има толку многу мелодии, идеи, но ќе видиме кога сето тоа ќе се реализира. Чекам некој импулс во себе и во целокупното опкружување, во меѓувреме соработката со другите изведувачи тече секојдневно и под полна пареа.

Зарем не е секој момент добар ако има што да се каже?
– Едно е да има што да се каже, сосема друго дали тоа сакаш да го кажеш, на кој начин и во какви услови. Нашата земја е единствена во светот што нема музичка телевизија, додека соседите имаат по неколку, и тоа мошне сериозни музички канали. Кај нас, за жал, сѐ уште во медиумите главниот акцент се става на политиката и политичките случувања, за разлика од други земји во светот каде што културните, музичките, спортските и забавните случувања го чуваат ударниот термин. Наместо уметноста, спортот, музиката да нѐ сплотуваат, ние се занимаваме со политика, која, за жал, нѐ разединува. Мораме да почнеме да продуцираме и да создаваме наши херои, спортски, музички, естрадни, а не само да ги увезуваме. Да не споменувам дека треба да се потрудиме и да ги извеземе нашите. Тоа во моментов ми изгледа како научна фантастика. Не може да имаме среќен народ во земја што нема сопствени херои, уметници достојни за почит, спортисти со светски дострели. Кому да му се радуваме? Чии успеси да ги славиме? На кој јазик да пееме? Чија музика да слушаме? Но, јас сум секогаш оптимист и верувам дека работите ќе одат на подобро, затоа и сѐ уште сум тука, и несебично се вложувам во својата работа, иако во моментов таа е насочена повеќе за други изведувачи и моите ангажмани се повеќе зад сцената.

Иако музиката е ваша преокупација, вие имате диплома за бизнис и менаџмент, имате ли некоја корист од тоа?
– Да, дипломирав бизнис и менаџмент, но секогаш повеќе ме интересирале креативноста, убавите емоции, добрата песна и музика. Тоа е мојот пат, она за што сум предодреден, кое ме исполнува и каде што најмногу можам да дадам. Универзумот сигурно би ми се налутил ако музиката не е мојот прв избор и животен пат.

За долговечноста на вашите песни се заслужни и убавите спотови, чиј украс често се убави девојки.
– Се согласувам, но има и исклучоци, на пример „Несудена“ нема спот, а остана да живее до денес. Има многу песни што немаат видеоприказна, а станале познати и публиката ги прифатила. Кога е творештвото во прашање, кај мене аудио и видеоприказните одат рака подрака. Секогаш кога ја добивам првичната идеја за некоја песна, истиот миг ја визуализирам. Аранжманот го „слушам“ во главата, го замислувам видеозаписот, ги имам целата слика и звукот пред себе.

Познат сте по патувањата по светот и спортскиот начин на живот. Во 2008 г. ја поминавте Македонија со велосипед, играте пасионирано тенис. Што е она што ве преокупира во последно време?
– Секогаш сум спортски активен, тенисот е најчесто мојот прв избор, ги сакам сите спортови, уживам во планинарењето. Често некоја нова песна се раѓа токму кога сум некаде подалеку од градската џунгла, кога сум на планина, во природа. Понекогаш идејата ја запишувам на салфетка или ја снимам на мобилен.

Која ваша позната песна така се родила?
– „Таму некаде“, а „Македонија“ се роди на плажа на Егејот. Мелодијата ја снимив на телефон, а бидејќи немав тетратка текстот го напишав на првата страница на книгата „Медитации“ од Маркус Орелус, што во моментот ја читав. Во природа често добивам инспирација, и сега веќе носам пенкало и тетратка со себе. Исто така на патувањата често се раѓаат песни. На пример минатата година во Барселона во апартманот каде што престојував имаше пијано и гитара, претпоследната вечер ја зедов гитарата и во еден здив настанаа две нумери. Студиото, пак, е местото, каде што сите мои идеи се реализираат.

Дали сѐ уште Њујорк ви е омилен град?
– Еден од омилените. Спотот за песната „Ти победуваш“ го снимивме во Њујорк, на култни места што се овековечени и во познати филмови, со што остварив една желба и идеја што подолго време тлееја во мене.

Што е она што ве одделува од другите автори?
– Емоцијата секогаш е мој заштитен знак, а искреноста е најважна. Никогаш не сум ги лажел моите песни. Имам чувство дека со тоа што го пишувам ја визуализирам сопствената иднина, тоа ми се случува многу често.

Која е вашата животна песна или сѐ уште не е напишана?
– Можеби е веќе направена и реализирана, или сѐ уште е дел од универзумот и допрва треба да се поврзе со мене. Тоа ќе го покаже времето.