Неодамна хрватската дискографска куќа „Кроација рекордс“ го реиздаде неговиот албум „Зафир пее, Македонија пее“ издаден во 1986 година. Тоа е пресек на најдоброто од македонската поезија и музика, во интерпретација на Хаџиманов

Зафир Хаџиманов, пејач, композитор, глумец, писател

Зафир Хаџиманов, мултиталентираниот Македонец што нѐ задолжи со незаборавни евергрини, филмски и театарски ролји, првиот македонски мјузикл и многу напишани книги, поголемиот дел од животот го мина во Белград, никогаш не заборавајќи ја својата татковина, која целиот живот ја промовира низ светот. Неодамна „Кроација рекордс“ го реиздаде неговиот албум „Зафир пее, Македонија пее“ од 1986 година, пресек на најдоброто од македонската поезија и музика. На албумот има десетина шансони и балади напишани на стиховите на големите македонски поети: Константин Миладинов, Кочо Рацин, Блаже Конески, Ацо Шопов, Радован Павловски…, како и безвременските песни „Зајди, зајди јасно сонце“ и „Од љубов не се бега“.

Албумот „Зафир пее, Македонија пее“ е редок креативен изблик. Дали ве израдува веста дека речиси по 35 години ќе биде реиздаден?
– Овој албум е нешто највредно што сум го изнедрил. Секој стих, од првата до последната шансона на ова цеде е вистински бисер, а мојата музика и пеење само го облагородуваат и милуваат. Славе Димитров со своите аранжмани ги опточи со злато овие бисер-песни, на што сум му многу благодарен, како и на издавачот за обновената доверба кон мојот сон. Албумот своевремено е реализиран во соработка со музичката продукција на МРТ. Тука може да се слушне и трубата на Благој Чешларов, Милка Герасимова е тон-мајстор, а уредник на изданието е познатиот композитор, аниматор и промотер Вилибалд Чаклец. Се надевам дека конечно во Македонија овој албум и едукативен проект ќе заживее, бидејќи сметам дека секоја куќа би требало да го има, како книгите на Кочо Рацин и на Блаже Конески.

Вашите песни „Љуби ме и главата горе“, „Од љубов не се бега“, „Има ли“, „Земи момче Македонче“, „Како Вардар“… останаа во нашата колективната меморија. Дали ви е драго поради тоа?
– Како да не. Јас никогаш не сум бил автор и интерпретатор што бркал слава и пари по секоја цена. Секогаш кога ќе седнам нешто да творам, тоа го правам од срце. Тоа се чесни песни, посветени на мојата публика и целосно стојам зад нив. Досега многупати сум бил пионер и сум придонел за просперитетот во мојот занает. Никогаш не одев по полесниот пат. Секогаш го избирав потешкиот за да оставам длабоки траги зад себе, кои ќе бидат компас за тоа како треба да се негува една култура.
Вашето семејство Хаџиманови со генерации постигнува успеси на повеќе полиња, а особено на полето на музиката…

– Хаџиманови не сакале да бидат почитувани само во своето маало, туку да бидат гладијатори на уметноста на сите арени во светот. Мојот татко Васил има оставено записи на 10.000 македонски народни песни, кои сега се чуваат во МАНУ. Беше член, па и претседател на фолклористите од целиот свет. За жал, досега се снимени само педесетина од нив. Инаку, никогаш не сум помислил дека во Белград ќе останам до крајот на животот. И јас посакував да живеам и да работам во Њујорк, Лондон, Париз и Москва, на чии сцени сум одржувал концерти. Но животот пишува романи, па иако заминав за САД на постдипломски студии, љубовта кон Сенка ме врати назад. Затоа и ја напишав сега веќе култната песна „Од љубов не се бега“. Да не се случеше таа голема љубов, ќе отидев во САД и, веројатно, немаше да се вратам. Кај син ми Васил се разбуди една поинаква љубов. Тој во Америка го откри македонското во себе, наследството на неговиот дедо по кого го доби името.

Со Сенка сте заедно цел живот и се чини дека вашата љубов е иста како првиот ден…
– Никој не може да остане глув и слеп за таква личност, културна, образована, убава, кога пее ја слушаш со отворена уста. Мојата љубов за Сенка беше милионпроцентна. Знам дека секогаш имам поддршка, пријателство, почит. Имам со кого да поделам и добро и лошо.

Сенка на македонски јазик отпеа многу песни, меѓу кои е и „Приспивна за реката“, која беше изведена во Универзалната сала, каде што и вие безброј пати сте настапиле. Дали може едно вакво здание едноставно да се збрише?
– Не знам што е маката, тоа што е монтажна градба со краток век или фактот дека ќе чини многу повеќе да се поправи отколку да се урне. Во секој случај срцето ќе ме боли ако поминам по Партизанска и видам празен простор таму каде што сум направил чекори од седум милји.

Имам чувство дека малку сте разочаран од односот на одговорните во Македонија кон вас и воопшто кон уметниците?
– Жал ми е дека добивме шанса да застанеме на нозе и да му покажеме на светот кои сме, но работата застана на тоа кој повеќе ќе дрпне. Имаме илјадници песни во архивите на МАНУ и наместо да им ги покажеме на светот и на соседите што не нѐ признаваат, со нив да ги удриме по глава, ние молчиме. Дојдоа некои нови клинци, кои мислеа дека сѐ почнува со нив. Лут сум на политичарите од која било партија, а особено сум разочаран од моите колеги, кои се плашат или не сакаат да кажат: овој човек 50 години не се симнува од топ-листата на најслушаните македонски песни.

На што работите во моментот?
– Имам барем три проекти што би можеле да се објават утре. Освен „Македонија пее“ подготвив и албум „Србија пее“ со песни на околу 12 српски поети, кои ги изведуваме со Сенка и со сестра ѝ Бисера Веленталиќ. Се надевам дека и овој албум ќе биде издаден наскоро. Ете, и на постари години спојувам и ги надминувам регионалните граници: добив награда во Македонија, издаден ми е албум во Хрватска, издадов книга во Скопје и во Белград.

Која песна што сте ја напишале е ваше животно мото?
– Тоа е мојата „Едноставна песна“, еве како гласи: „Едноставно да успеам да запишам како дишам, ќе ми појде ли од рака неродено да занишам. Едноставно сам себеси се осудив и се мачам трошка песна да испеам, трошка човек да означам“.