На албумот, на наше огромно задоволство, имавме прекрасна соработка со едни од најдобрите продуценти во Македонија: Александар Ристовски-Принц, Дарко Димитров, Ристо Апостолов, Оливер Димитров и Ненад Неделков-Неле, вели Ќурчиев

Деан Ќурчиев, музичар

Групата „Никеја“ од Скопје го одбележува својот голем јубилеј, 25 години присуство на македонската рок-сцена, многу музика, концерти и песни, кои го положија тестот на времето. Бендот го сочинуваат: Алексадар Стојковски на бас-гитара, Лазар Коцев на тапани и Деан Ќурчиев, вокал, гитарист и автор на музиката и на текстовите на песните. И тројцата за себе велат дека по малку се чувствуваат како скитници во модерното време.

Која е тајната на вашата долговечност?
– Неколку генерации го препознаа нашиот оригинален музички пристап, пред сѐ уникатната лирика што и денес на социјалните мрежи некои нови деца ја споделуваат. Секако дека имавме и подеми и падови сите овие години. Голем број луѓе на некој начин проциркулираа низ групата и оставија свој печат. Доказ за тоа се и големиот број концерти што сме ги одржале низ цела Македонија и вториот тираж на албумот „Унисекс“. Кога би направиле една ретроспектива низ времето и комуникацијата со обожавателите на групата, „Никеја“ е урбана приказна што продолжува да се раскажува.

Дали звукот на новиот албум има призвук на изодениот пат?
– Новиот албум „New folder“ е збир на теми што внимателно ги селектиравме и споивме како една уникатна целина. Исто така може да се забележи моето кокетирање како комплетен автор со поп-призвукот што провејува речиси низ целиот албум.

Како го одбележувате јубилејот?
– Јубилејот го реализираме во неколку фази, промоцијата на компакт-дискот се случи на 27 септември, кога беше премиерно прикажан и видеозаписот за темата „Чаплин“, следуваат концертите во Прилеп на 6 октомври и во Охрид на 12 октомври, а ќе следуваат уште неколку града во ноември. За декември е планирана промоцијата на видеозаписот за песната „Љубов бараш“ во Скопје.

Чија беше идејата за уникатната обвивка на албумот?
– Идејата за уникатната обвивка на албумот беше моја. Ме инспирираа цртежите на мојата ќеркичка Мена, која тогаш имаше 4 години. Направив една селекција и се случи прекрасниот буклет. Не смееме да ја заборавиме и Каја Стојковска, ќеркичка на бас-гитаристот Александар Стојковски, со нејзините цртежи.

Дали сте задоволни од соработките што ги остваривте во текот на реализацијата на албумот?
– На албумот, на наше огромно задоволство, имавме прекрасна соработка со едни од најдобрите продуценти во Македонија: Александар Ристовски-Принц, Дарко Димитров, Ристо Апостолов, Оливер Димитров и Ненад Неделков-Неле. Комплетен автор на целиот материјал сум јас. Инаку, критиките засега се одлични, со тоа што малку е нескромно да се каже, но еден наш истакнат продуцент го класифицира како албум на годината.

Во стих од песната „Чаплин“ велите „Игра на тело, илјада зборови/Смеа до солзи што ќе те обнови/Скитник со искра што пали огнови/Чарли е лек за сите отрови. Скитникот во модерно време“. Дали се чувствувате и вие по малку како скитници во модерното време?
– Сите сме скитници во ова модерно време, Чаплин пред еден век само нѐ предупреди, а ние сме тука каде што сме.