Фото: Илустрација

Годинава почна со шумски пожари во Австралија, потоа САД и Иран разменија неколку ракети и изгледаше дека светот е на прагот на нова војна. Сепак, сѐ запре со појавата на коронавирусот, чии последици би можеле да бидат милиони мртви и голема економска криза.

Само недостигаат чума и астероид, велат многумина, убедени дека оваа 2020 година ќе биде најлоша досега. Но историчарите истакнуваат дека имало многу полоши од неа и оти таа сѐ уште не е меѓу првите пет катастрофални години на човештвото.

Доаѓањето на Хитлер на власт во Германија – 1933 г.
Оваа година сама по себе можеби не била толку лоша, колку што е лошо тоа што биле поставени темелите на најголемите разурнувања што ги доживеал светот во Втората светска војна.

Шпанската треска однесе 50 милиони животи – 1918 г.
Од шпанска треска, односно од вирусот АХ1Н1 од февруари до април, биле заразени 500 милиони луѓе, а починал секој десетти. Пандемијата однела повеќе животи отколку Првата светска војна.

Мексиканска зараза – 1545 г.
Непознат причинител ја десеткувал популацијата на Индијанците на двата американски континента. Се смета дека умреле меѓу 5 и 15 милиони луѓе, односно од 60 до 90 отсто од староседелците во Северна и во Јужна Америка.

Црна смрт пустошела низ Европа – 1349 г.
Во епидемијата на бубонска чума, според некои процени, умреле околу 200 милиони луѓе во Европа и во Азија, односно повеќе од половината од тогашните жители на Европа.

Најлоша година досега, светот го прекрива мрак – 536 г.
Годината почнува со црна магла, која се надвиснува над планетата, а историчарите и денес дебатираат дали таа е последица на ерупција на некој од тогаш активните вулкани. Помрачувањето значело два часа слаба сончева светлина дневно, пад на температурата за два степена, пропаст на земјоделството, населението било на работ на глад, а среде јули во Кина паднал снег. Оваа се смета за најлоша година во историјата на човештвото.

Метеор удрил во Земјата 65.000.000 година пред новата ера
Се смета дека некаде во ова време во Земјата удрил метеор, при што се создал облак од прашина, кој целосно ја блокирал сончевата светлина во текот на наредните неколку години. Тоа довело до изумирањето на диносаурусите, до драматични промени во биосферата и овозможило развој на човечкиот вид.