Метју Пери, ѕвездата од „Пријатели“, открива

Глумецот Метју Пери (52) пишува автобиографија во која ќе проговори за дел од животот што го минал снимајќи ја серијата „Пријатели“. Тој го глумеше, според многумина најинтересниот лик, циничниот Чендлер Бинг, а на читателите им ветува дека ќе ги однесе „зад сцената“.
Од издавачката куќа „Мекмиланс флектирон букс“, која доби светски права на книгата, велат дека тоа ќе биде подарок на кој обожавателите на „Пријатели“ долго чекаат. Со оглед на тоа дека глумецот ќе проговори за проблемот на зависноста од разни пороци, како што велат, книгата ќе им биде важна на сите што водат слични битки, за себе или за саканите личности.
– Потребни ни се хумор, катарза и исклучителната приказна на Метју, раскажана со неговиот глас – изјавила Меган Линч од издавачката куќа.
Повторното собирање на екипата на суперпопуларниот „ситком“ во мај годинава, уште еднаш ги поттикна многубројните приказни за здравствената состојба на Пери, проблемите со алкохолот, дрогата, па и гласините дека актерот не успеал да се извлече од канџите на зависностите. Дури беше објавено дека во текот на снимањата бил дрзок и неодговорен.
– Бев дел од екипата на „Пријатели“ десет години, од 24 до 34 години. Ние шестмина бевме насекаде. Гледано однадвор, сигурни изгледало дека имам сѐ, а всушност бев многу осамен, бидејќи страдав од алкохолизам – изјавил во една пригода Пери.
Во едно интервју, тој објаснува дека никогаш не дошол на сет под дејство на алкохол и дрога.
– Бев многу мамурен, до болка, ама работев. Но со текот на времето работите станаа полоши, па веќе не можев да ја кријам мојата состојба од другите. Сите знаеја – признава Пери.
Тој тврди дека не се сеќава приближно на три години од снимањето, меѓу третата и шестата сезона на популарната телевизиска серија. Сега сите детали ќе ги раскаже во својата автобиографска книга.