Богатството на ѕвездата на социјалните мрежи се проценува на 900 милиони долари

Обожавателите на Кајли Џенер (20) покренаа интернет-кампања преку која собираат пари за да ја направат ѕвездата на социјалните мрежи најмлада милијардерка воопшто, пренесуваат американските медиуми. 

Богатството на Џенер, која раководи со нејзината компанија за козметика „Кајли козметикс“, се проценува на 900 милиони долари. Кампањата беше покрената откако таа се појави на насловната страница на магазинот „Форбс“, во написот со наслов „Жените-милијардерки на САД“.

– Кајли Џенер беше на насловната страница на магазинот „Форбс“ бидејќи поседува богатство од 900 милиони долари. Од тоа се крши срцето. Не сакам да живеам во свет каде што Кајли Џенер нема милијарда долари – напиша иницијаторот на кампањата Џош Островски, на Инстаграм.

Но, кампањата на интернет-страницата „Гоуфандми“ предизвика и негодување на социјалните мрежи.

„Луѓето умираат насекаде низ светот, а вие одлучувате да донирате пари за Кајли Џенер. Тоа е болно“, „Доколку донирате пари за Кајли Џенер, но не можете да издвоите пари за добротворни цели или за бездомниците, тоа кажува колку сте неуки“, „Толку е погрешно што постои интернет-страница чија цел е Кајли Џенер да стане милијардерка. Донирајте некому што има вистинска потреба, кој ќе ги цени парите и ќе има корист од нив“, гласат дел од коментарите на Твитер.

Магазинот „Форбс“, исто така, наиде на критики бидејќи напиша дека Џенер е на пат да стане најмладата „самосоздадена милијардерка“, иако таа потекнува од богато семејство. 

Деведесет луѓе донираа вкупно две илјади долари во првите два дена од интернет-кампањата.