На Илон Маск му е потребно внимание како што на смртните битија им е потребен кислородот за дишење. Доколку тој не е во центарот на светското внимание макар само неколку дена, Маск умее да најде начин како да го сврти фокусот кон себе, било да е тоа со неверојатни тврдења за приказни за спасување деца од пештера, или пак, давајќи му го името X Æ A-12 на својот првороден син, пренесува „Гардијан“.

Најновиот трик на милионерот беше т.н. бионичка свињa. Во петокот, Маск одржа видео-пренос за напредокот на „Невралинк“, неговиот прв проект во невронауката. Ѕвездата на вечерта беше Гертрудa, свиња со чип во главата за контрола на нејзините постапки. Целта на „Невралинк“ е да развие интерфејс за мозочни компјутери на масовно ниво што ќе ни овозможи да ги контролираме работите со нашиот ум, како и да лекува депресија, повреди на ‘рбетот и невролошки нарушувања. 

Звучи многу импресивно на прв поглед. Сепак, како и за многу други работи во кои е вплеткан Маск, колку подлабоко истражувате, толку повеќе сфаќате дека предметот во фокус е плиток. Голем број луѓе се сеќаваат кога Маск вети дека ќе направи револуција во урбаниот превоз, а се покажа дека тој измислил многу неефикасен тунел. Друг пример за неуспех е кога тој вети дека ќе произведува и доставува вентилатори во болниците, а всушност болниците тврдеа дека тој доставил далеку поевтини машини за поддршка на дишењето?

Видео-преносот со Гертрудa за некои беше поразителен. Звуците, за кои Маск тврдеше дека се невроните на Гертруда, кои работат за време на презентацијата контролирани од чипот, не беа ништо што ново што претходно не било претставено и направено од страна на невролозите. Иако Маск изјави дека има големи очекувања за потенцијалот на „Невралинк“, но тој не понуди никакви докази или податоци. 

– „Невралинк“ е театар за невронаука – заклучи Институт за технологија во Масачусетс. 

Можеби е театар, но Маск зад себе има илјадници тврдокорни следбеници, наречени „маскетари“ (презимето на Маск звучи слично на маскет, пушка од 16-тиот век по која се именувани мускетарите, н.з.). Не е важно со какви смешни изговори и тврдења излегува Маск, тој секогаш ќе има орда од обожаватели, кои ќе бидат спремни да им бидат имплементирани неговите чипови во мозокот. Што би можело да тргне погрешно? 

Извесно е дека Маск има корист од „театарот“, бидејќи неговoто богатство се проценува на 115 милијарди долари, со што го турна за едно место подолу Марк Закерберг, директорот на „Фејсбук“, на списокот на најбогати луѓе во светот. Ова го направи основачот и извршен директор на „Тесла“ третата најбогата личност во светот, според индексот на милијардерите на „Блумберг“. Сега Маск е  „посиромашен“ само од Бил Гејтс и Џеф Безос.