Нетфликс објави трејлер за новата криминалистичка серија базирана на вистински факти. Сместена е во центарот на озлогласениот хотел „Сесил“ во Лос Анџелес, во кој загинаа најмалку 16 лица, и поради тоа го доби прекарот хотел на смртта.
„Место на злосторството: Исчезнувањата во хотелот ’Сесил’“, која излезе на 10 февруари, ја истражува смртта на 21-годишната канадска студентка Елиз Лам, чие тело беше пронајдено во хотелски резервоар за вода во 2013 година и никогаш не беше разјаснето како стигнало таму. Иако нејзината смрт е прогласена за несреќен случај, сепак имало голема доза мистерија, а снимката од надзорната камера на хотелот на која Елиса последен пат е видена жива стана вирална поради нејзиното необично однесување.
Елиса не е единствената што го загубила животот во овој хотел, тој исто е прочуен по многубројните убиства, самоубиства и други злосторства што се случиле во него од неговото градење во раните 1920-ти.
Во текот на 1930-тите биле убиени шест лица, а во 1944 година мајка тинејџерка го фрлила своето новородено бебе низ прозорецот. Урбан мит е дека дури и познатата Црна Далија, Елизабет Шорт, чие убиство од 1947 година никогаш не било решено, била видена како пие во хотелскиот бар само неколку дена пред нејзината смрт.

Во 1964 година се случи уште едно неразјаснето убиство во хотелот „Сесил“. Во него е пронајдено телото на пензионираната телеоператорка Голди Осгуд, која била силувана и претепана до смрт. Двајца сериски убијци, Ричард Рамирез и Џек Унтервегер, еднаш престојувале во хотелот. Рамирез, познат и како Најт Стокр, го опустоши Лос Анџелес во 1980-тите години, убивајќи дури 13 лица пред да биде уапсен. Се верува дека Унтервегер убил најмалку три проститутки за време на неговиот престој во хотелот.
„Крајм сцена: Исчезнувањата во хотелот ’Сесил’“ е снимена од режисерот Џо Берлингер, кој вели дека бил фасциниран од случајот за Елиз Лам.
– Како режисер на вистински криминалистички документарци, ме фасцинираа снимките од Елиз Лам од лифтот и големиот интерес на интернет-детективите, кои се обидоа да ја решат мистеријата и да разберат што ѝ се случи. Кога новинарот Џош Дин ни го донесе своето истражување на случајот, ни даде идеја да направиме нешто поинакво, не само да ја раскажеме приказната за нејзиното исчезнување туку и да ги испитаме злосторствата на оваа локација. Моите претходни проекти се занимаваа со индивидуални злосторства, но никогаш не истражував како одредена локација може да влијае на бројот на злосторствата. Фактот што Елиса исчезна на локација што со децении беше на сцена на разни злосторства е фасцинантен за мене – изјави Џо.