Победничката Нета Барзилај

На прес-конференцијата по победата, израелската претставничка им се заблагодари на сите што ја поддржувале, а особено на претставниците на ЛГБТ-заедницата и маргинализираните групи, без чија поддршка, како што рече, не би била каде што е, ветувајќи дека секогаш ќе стои зад нив

Игор Трајковски специјално
за „Нова Македонија“ од Лисабон

Израелката Нета Барзилај е победничка на 63-то издание на „Евросонг“, најдолговечниот и телевизиски најпренесуваниот музички фестивал на светот, кој се одржа завчеравечер во арената „Алтис“ во Лисабон, Португалија. Во напнатото гласање Нета Барзилај со песната „Toу“ или „Играчка“, со освоени вкупно 529 поени, го остави зад себе најголемиот ривал Кипар, со 436 поени. Пред почетокот на „Евровизија“, таа важеше за речиси сигурен победник, но по динамичната изведба на Елени Фуреира во првото полуфинале, предвидувањата за победа се префрлија на страната на Кипар. Во финалето Израел заврши со подобар пласман и од жирито и од публиката. Од жирито, го освои третото место зад Австрија и Шведска, додека Кипар беше петти зад Германија. Поените од публиката беа во корист на Израел како првопласиран, и на Кипар како втор на табелата.

Ова е четврта победа на Израел на евровизиските натпревари по оние во 1978, 1979 и 1998 година. Кипар, со освоеното второ место, се стекна со најдобриот пласман досега. Претходно најдобар резултат им беше петтото место во 1982, 1994 и 2007 година.
На прес-конференција, која се одржа веднаш по завршувањето на преносот, Нета, видно возбудена и среќна, зборуваше за имиџот поврзан со телесната тежина.
– Се славам себеси без оглед кој број облека носам, какви ми се косата или гласот. Морам да бидам своја и да се слушам одвнатре – рече Нета.

Претставничката на Кипар

Израелската претставничка им се заблагодари на сите што ја поддржувале, а особено на претставниците на ЛГБТ-заедницата и маргинализираните групи, без чија поддршка, не би била каде што е, ветувајќи дека секогаш ќе стои зад нив.
– Без нив, не би била ништо – без нивната енергија, флуид, среќа. За нив ќе настапувам до крајот на животот – изјави таа.

„Евросонг 2018“ ќе остане запаметен и по настапот на минатогодишниот победник Салвадор Собрал, кој пееше заедно со Катано Валосо, по невлегувањето на Русија во финалето, по несреќниот пад зад сцената на Нета Барзилај по настапот во првото полуфинале (за среќа, без повреди), по скудниот рекламен материјал, по протестниот испад додека настапуваше британската претставничка Сури во финалето, по одличната четворка коментаторки и по прекрасниот Лисабон, чии жителите не беа нешто многу среќни што „Евровизија“ им се случува токму ним и како едвај да чекаа градот да им се ослободи од наездата евровизиски туристи.

Претставникот на Австрија

Кај нас ќе остане запаметен по повторниот, шести по ред неуспешен обид на Македонија да се пласира во финалето, со за нас веќе извежбаната комбинација од добра песна и лош настап. Во првото полуфинале, Македонија заврши претпоследна, на 18-то место, со 24 поени. Зад нас беше само Исланд со 15 поени. Израел и во полуфиналето беше првопласиран, со 283 поени, пред Кипар со 262 и Чешка со освоени 232 поени.

Трите традиционални награди „марсел безенсон“, именувани според основачот на „Евровизија“, им беа доделени на Бугарија за најоригинална композиција, на Франција за најдобра песна изгласана од акредитираните новинари и на Кипар за најдобар уметнички настап според мислењата на коментаторите од сите земји.
Израел и националната телевизија КАН, како победници, го добиваат правото да ја организираат манифестацијата идната година. Преговорите околу деталите за „Евросонг 2019“, вклучувајќи ја и локацијата каде ќе се одржува, започнуваат веќе идниот месец. Доколку решиме да учествуваме на овој настан идната година, би требало истовремено да започнеме со стратегијата за нашето претставување за да избегнеме уште едно, седмо по ред, разочарување. Во спротивно, треба сериозно да се запрашаме дали тоа учество има повеќе негативен отколку каков било ефект.

Претставничката на Словенија