Во потрагата по живот надвор од Земјата, луѓето најчесто се фокусирале на најблиските планети и вселенски тела – Месечината и Марс. Меѓутоа, неодамна објавената студија открива дека постои шанса, иако мала, Меркур, исто така, да биде погоден за живот. Авторите на студијата, објавена на интернет-страницата „Нејч“, посочуваат дека нивните истражувања и анализата покажале дека хаотичната површина на Меркур не е резултат на земјотрес, туку дека пукнатините во кората се создадени со претворање на течноста под неа во пареа и ерупција на површината.
Ако таа течност била вода, тоа би значело дека животот е можен под површината на Меркур, сметаат авторите на студијата.

– Нашите резултати укажуваат на тоа дека раната кора на Меркур може да содржела мешавина од органски соединенија и мраз, кој е дехидриран или хемиски изменет поради магнетно и сончево загревање, освен во трајните сенки на поларните кратери – се наведува во заклучокот на истражувањето.
Покрај тоа, метастабилните и потенцијални услови за живот би можеле да се развиваат епизодно или да постојат во рамките на овие материјали во кората, што би ги продлабочило областите погодни за живеење близу сонцето, односно на Меркур, како и на други слични места во Сончевиот Систем.

Иако научниците се многу претпазливи и не сакаат конечно да се изјаснат дека имало живот одамна на Меркур, откривањето на овие елементи би можело да им покаже во која насока треба да одат истражувањата за да се потврди или да се негира ова тврдење.