Како најава за повторното објавување на првиот албум на Џон Ленон и неговата животна партнерка, јапонската концептуална уметница Јоко Оно, деновиве е објавено видео за новата верзија на песната „Look at me“.
Со ова видео можеме малку да навлеземе во интимата на нивниот дом снимен уште во 1968 година. Во спотот можете да видите некои реквизити што со текот на времето станаа култни делови од наследството на Ленон, како што е предната мембрана на бас-тапан од корицата на „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“ и исправеното пијано на холандските уметници Маријка Когер и Сајмон Постхум. На видеото може да се видат и членови на филмската екипа, што навистина јасно ги покажува условите на кои биле изложени Ленон и Оно во тоа време. Речиси без приватни и интимни моменти, постојано пред будното око на камерата.
Видеото е најава за објавување на луксузниот сет на првиот албум на дури девет цедиња, кои содржат 149 песни, поточно разни обиди, демо-верзии и неуспешни снимки од времето на подготовката на овој запис.