Голем број брачни двојки судбоносното „да“ го кажале на многу егзотични и необични места, па дури и таму каде што не може да се замисли тоа: во вселената, под вода или под маски. Наведуваме неколку примери за тоа каде вљубените партнери се заколнале на вечна љубов.

Венчавка преку видеоврска и младоженец од картон

Пред 17 години една двојка организирала многу чудна свадба. Невестата се наоѓала во американската сојузна држава Тексас, а младоженецот 400 километри над Земјата во меѓународната вселенска станица. Рускиот космонаут Јуриј Маленченко и неговата девојка се венчале на 10 август 2003 година преку видеоврска од контролниот центар на агенцијата НАСА во Хјустон.
На првата вселенска венчавка, невестата Екатерина Дмитриева носела традиционална венчаница во боја на слонова коска, додека младоженецот го носел темносиниот астронаутски костим со вратоврска. Кум му бил колегата, астронаутот Евдард Лу, кој го отсвирел Свадбениот марш.
За да не се чувствува осамено, бидејќи партнерот ѝ бил далеку, покрај Екатерина била поставена фигура на Јуриј од картон, во природна големина.
Мисијата на Маленченко траела подолго отколку што било најавено, па двојката се одлучила на оваа необична варијанта. Видеоснимката ѝ ја продале на една американска телевизиска компанија за добра сума, па овие пари добро им дошле како свадбен подарок.

Свадба под море со бидермаер и шампанско

Хашини Еранди Перера од Шри Ланка и нејзиниот свршеник, професионален нуркач, знаеле дека не сакаат класична свадбена церемонија. Иако голем број двојки, пред свадбата го вежбаат својот прв танц, Хашини во базен учела да нурка. Бурмите биле разменети под вода, но веројатно, сепак, на суво, паднале вистинскиот бакнеж и ветувањето за вечна љубов.

Починал по запросувањето и не го дочекал одговорот

За жал, овие потфати не минуваат секогаш како што е планирано.
Американецот Стивен Вебер лани се удавил додека под вода се обидувал да ја запроси својата девојка, за време на одморот во Танзанија. Вебер и неговата девојка Каниша Антоан летувале во одморалиштето Манта, во близината на островот Пемба.
Таа од кабина, под вода го снимала додека нуркал, покрај нивниот прозорец, сакајќи да ја праша дали сака да се омажи за него. На снимката се гледа како Вебер го отвора листот хартија, на кој било напишано прашањето, го вади од џебот прстенот и одеднаш исчезнува од кадарот. Антоан на социјалната мрежа Фејсбук напишала дека „Вебер никогаш не го слушнал нејзиниот одговор, кој би гласел милион пати – да“.

Венчавка во болница со смртно болна пациентка

Таша Лонгхартс се лекувала од рак половина година, кога лекарите во една болница во Англија ѝ рекле дека нејзиниот организам веќе не реагира на терапијата и оти има уште неколку недели живот. Оваа 25-годишна девојка боледувала од редок тумор на вретенестите клетки, што на почетокот се манифестирал како болка во градите.
Нејзиниот партнер Сајмон Јанг го чекал вистинскиот момент да ја запроси, но заедно се договориле дека веќе нема одложување. Еден месец по венчавката Таша починала.

Свадбени фотографии и експлозија

На другиот крај на светот, Исра Себлани, во 2018 година позирала за серијата свадбени фотографии, непосредно пред венчавката. А тогаш дошло до експлозија во пристаништето во Бејрут, во која загинале повеќе од 200 луѓе и биле повредени најмалку 500 лица. За среќа, сѐ минало добро и ниту Исра, ниту сегашниот сопруг ни блиските не биле повредени.

Прв лезбејски брак во историјата на Римокатоличката црква

Свештеникот во црквата „Свети Хорхе“ во Ла Коруња, северозападна Шпанија, во 1901 година не забележал ништо особено, а неколкуте члена на семејството мудро молчеле. Всушност бракот бил склучен меѓу две жени, а Марио, всушност бил Марсела, а „сопругата“ Елиса. Сѐ до денес ова е единствениот забележан истополов брак во историјата на Римокатоличката црква во Шпанија.