Дејан Карапеев, готвач

Дејан Карапеев е релативно млад, но наш познат готвач. Тој е член на здружението „Македонски кулинарски шеф“ и „Слоу фуд Македонија“, кој веќе 13 години активно работи во кујна, од својата 16-годишна возраст. Ужива во својата работа и тоа го прави со голема љубов, умешност и креативност. Веќе шест години е главен шеф во компанијата „Аборда јахтинг“, која плови по Јадранско Море. Како што вели, тоа е малку поспецифична работа отколку ресторанското готвење, но тој сака да работи на море, бидејќи тоа го исполнува. А оттаму дошла и идејата за неговата прва книга, насловена „Од длабочините на морето“. Покрај тоа што се грижи за менито на бродот, Карапеев често го коригира и надградува менито во ресторанот „Корта“ во Диоклецијановата палата во Сплит, Хрватска. Во последно време на нашата јавност ѝ е познат по првиот серијал за македонската кујна „Сончева гозба“, ексклузивно снимен на единствената регионална кулинарска телевизија Кичен ТВ, каде што тој на гледачите им пренесува дел од гурманската магија на македонската, но и на медитеранската кујна.

Како дојде до соработката со Кичен ТВ?
– Често приготвувам новогодишни коктели за компанијата „Виолета“, па, оттаму, и контактот за Кичен ТВ, тие се едни од спонзорите за мојата емисија „Сончева гозба“. Добив одлична шанса да направиме пробен кастинг, тие беа задоволни и така падна договор за соработка. Студиото во кое работам е уредено во автентичен старински стил, се готви на стар шпорет на дрва и се работи на дрвена кујнска маса, се обидовме да добиеме што поедноставна и поприродна слика. Условите за готвење се сосема коректни, така што може да се изведе речиси сѐ што ми доаѓа на памет.

Како сте задоволен од досегашниот успех на емисијата?
– Од првата сезона на Кичен ТВ сум задоволен пред сѐ поради тоа што тие се задоволни со мене. Веќе ја снимивме и втората сезона, која треба да излезе во ноември, во која ги увидов грешките од првата сезона и гледав што може да се поправи за сето тоа да излезе подобро на екраните. Најбитна е опуштеноста пред камерите, бидејќи во телевизијата работат на многу високо ниво. Некаде по Нова година ја очекувам и мојата нова книга, која ќе биде насловена „Сончева гозба“, а е во соработка со „Култура“ и Кичен ТВ.

Што е твојата специјалност во готвењето?
– Еден готвач мора да знае да приготвува речиси сѐ, меѓутоа поради долгото време поминато на Медитеранот, јас повеќе ја имам работено медитеранската кујна. Благодарение на „Слоу фуд“, почнав малку повеќе да се занимавам и да ја истражувам македонската традиционална кујна. Немам некои посебни тајни состојки, сакам едноставни и добро избалансирани јадења, сето тоа го научив на бродот. Кога знаете да ги комбинирате вистинските намирници, тогаш е многу лесно. Според мене, големината е во едноставноста.

Што најмногу сакате да приготвувате од нашата традиционална кујна?
– Кога готвев во Белгија, приготвував наши јадења на модерен начин, па правев ледени коцки од малиџано, гравче со модар домат, сладолед од кадаиф и смокви со сирење итн. – некои наши намирници интересно искомбинирани. Во емисијата имам доста рецепти и со слатководни риби, по кои сме доста познати, а особено охридската пастрмка и белвица.

Кои се вашите најголеми достигнувања и награди?
– Имам освоено поголем број медали поединечно и, секако, тимски со колегите од здружението. На „Икер-купот“ во Макарска бев трет готвач. На натпреварот се избираа најдобри од најдобрите, се повикуваа сите финалисти во една година и се направи финале со тогаш најуспешните 16 готвачи од поранешните југословенски простори. Најголема придобивка од сите тие натпревари не се само медалите и наградите туку најважно е искуството стекнато низ идеите што се споделуваат на таквите натпревари. Престиж е да се готви на олимпијада и да се освои подобро место.