Голема колекција од неиздадени дела напишани од авторот Џером Дејвид Селинџер наскоро ќе биде достапна за јавноста, вели неговиот син Мет Селинџер.

– Сè што татко ми некогаш напишал ќе биде издадено. Тој пишуваше без да објави дело повеќе од педесет години – објаснува Мет во интервју за „Гардијан“.

Покојниот Селинџер, чие најпознато дело е „Игра во ‘ржта“, го држеше неговиот напишан материјал во тајност и далеку од љубопитните читатели, повеќе од пет децении.

– Мојот татко веруваше дека најдобро за неговите дела е тие да останат недопрени од луѓето. Тој вриеше од идеи за неговите книги, а имаше обичај да ја паркира колата на сред возење и да вметне нешто во неговите бележници, насмевнувајќи се. Понекогаш зборуваше со мене за своите белешки, а понекогаш остануваше молчелив – вели Мет, одбивајќи да открие за што всушност станува збор.

Според „Гардијан“, материјалот што ќе биде издаден е во рацете на синот Мет и неговата вдовица Колин О’Нил, откако новелистот почина во 2010 година.

– Тој знаеше дека работата ќе потрае, бидејќи се работи за навистина многу материјал за издавање, а тоа ќе одземе долго време и труд. Работејќи на материјалот, чувствувам навистина голем притисок, но кога сè ќе биде готово, читателите ќе бидат известени – изјави Мет.