И покрај неговата екстремна важност, за мелатонинот не се зборува доволно. Тој главно се поврзува со квалитетниот сон, иако има и многу други функции. Овој хормон, кој се лачи од епифизата, е многу важен за зачувување на мозочните клетки. Пинеалната или надмозочната жлезда се наоѓа во средината на мозокот и ја извршува својата активност исклучиво во текот на ноќта. Во темнина, таа го претвора серотонинот во мелатонин, многу корисен за одложување на појавата на Алцхајмерова и Паркинсонова болест, мозочна исхемија и мозочен удар.

Утврдено е дека доволно количество од овој хормон позитивно влијае врз расположението, додека неговиот недостиг доведува до вознемиреност, замор и лошо расположение. Исто така, се смета дека мелатонинот спречува срцев напад предизвикан од стрес на тој начин што го намалува производството на кортикостероиди, што може да го оштетат срцевиот мускул.

За жал, денес сè повеќе луѓе особено во урбаните области, имаат помалку мелатонин отколку што е потребно. Во градовите, вештачкото осветлување е главниот виновник за неможноста да се постигне целосен мрак во текот на ноќта, а уличното и другото осветлување, кое влегува во спалните соби ги инхибира ензимите одговорни за „преведување“ на серотонин во мелатонин, објаснуваат експертите.

Затемнување на просториите за време на спиењето е наједноставниот начин за зачувување на создавањето и функцијата на мелатонинот. За луѓето што имаат проблем да заспијат или имаат над 60 години, пропишувањето на овој хормон како лек се покажало како многу ефикасно. Научниците веруваат дека присуството на мелатонин исто така може да го спречи и растот на канцерогените клетки. Ова би значело дека во иднина, овој хормон може да има терапевтска улога во третманот на малигни заболувања.