Љупчо Мирковски, композитор, музичар, диригент

Музичката продукција на МРТ не постои веќе 18-та година, и покрај напорите на вработените, на ентузијастите во Македонската телевизија да не се случи тоа. Еден од најголемите поборници за нејзиното реобновување е последниот директор, познатиот македонски композитор, диригент и инструменталист Љупчо Мирковски.
Тој постојано реагирал и испраќал дописи до директорите да се направат напори да не згасне оваа институција, но, за жал, тоа се случи поради негрижа и незаинтересираност на првите луѓе на МРТ, но и на државата, под чии ингеренции е Македонската телевизија.
Музичката продукција е формирана веднаш по Втората светска војна, а нејзините пет оркестри, Биг-бендот, Народниот, Чалгиите, Оркестарот за народни инструменти и Камерниот оркестар, како и Радиохорот и Детскиот хор, ги извеле и снимиле делата на речиси целокупната македонска популарна музика. За жал, снимките и целата фонотека сега се во незавидна положба и многу од нив се избришани и оштетени, но никому не му е грижа за тоа.
– Јас многупати досега апелирав да не се дозволи нешто што се градело со децении да се уништи и нема да запрам. Очекувам да ме поддржат и моите колеги музичари, автори, пејачите…Ова не го правам за себе, јас имам уште една година до пензионирање, туку за државата и за младите генерации, извонредни музичари инструменталисти, композитори, аранжери, кои се подготвени да се вработат во МРТ, во Музичката продукција да ја продолжат работата на Драган Ѓаконовски-Шпато, на Кире Костов, Илија Пејовски, Александар Џамбазов, Љубомир Бранѓолица, Љупчо Константинов, Славе Димитров, Благој Чешларов, Благоја Дескоски и уште многу други великани на македонската музичка историја – вели Љупчо Мирковски.

Токму затоа тој деновиве со јавно писмо се обрати и до премиерот Зоран Заев, а во него го известува, како член на работната група што била формирана по иницијатива на Владата за обновување на Музичката продукција и оркестрите на МРТ, дека целата постапка е завршена уште во 2018 година, по шестмесечна работа и со целосен елаборат за тоа како треба да изгледа Музичката продукција и колку би чинело тоа (околу 1.700.000 евра).
– Од неразбирливи причини, целата постапка заврши со последната седница во јуни 2018 година, без ниедно известување и без ниедна постапка за реализација на планот. Вие тогаш ме упативте кај Роберт Поповски, кој не покажа никаков интерес за обнова на оркестрите на МРТ. На 14 октомври 2020 година бев на состанок со заменик-министерот за информатичко општество и администрација, во чиј ресор е и МРТ, но и од него до ден-денес нема никаква реакција. Во меѓувреме, на 133-та седница на Програмскиот совет на МРТ се инсистира на итно вработување во МРТ во неколку сектори, но никаде не се споменува Музичка продукција и оркестри на МРТ. Верувам дека не е потребно да пишувам за тоа од каков интерес за нашата држава се оркестрите, кои, за жал, одамна не постојат, како и целата музичка продукција, која фиктивно стои во систематизацијата на МРТ, но фактички не постои – се вели во јавното писмо на Мирковски до премиерот Зоран Заев.
Сѐ уште нема никаков одговор, иако тој секојдневно на социјалните мрежи и од медиумите добива поддршка да истрае во оваа своја мисија.

– Јас сум дел од Музичката продукција од 1978 година и никогаш не сум бил вработен на друго место. Имав 21 година кога станав дел од Биг-бендот како трубач, ме прими Благоја Чешларов, тогашниот прв човек на продукцијата, а маестро Кире Костов, кој тогаш беше трубач, прв ми посака добредојде и многу ми помогна да се вклопам. Толку многу ја засакав работата што не ги сакав викендите, бидејќи не можев да го почувствувам адреналинот во студијата, во кои тие години беше како врвулица. Таму се развив како музичар, аранжер, во 1979 година ја напишав првата композиција за танцов оркестар, со која настапивме на музичкиот натпревар на танцови оркестри во бивша Југославија, кој се одржуваше во Раденци, Словенија – се сеќава Мирковски.
Сакајќи да ѝ го врати сјајот на Музичката продукција, тој беше еден од иницијаторите на 27 февруари 2008 година да се одржи голем концерт, насловен „Беше некогаш“, со два повода, одбележување на 60-годишното постоење на продукцијата и нејзино спасување.
– На концертот сите, и инструменталистите и пејачите, настапивме без хонорар, а Македонската опера и балет бесплатно ни ја отстапи салата. Потоа некако живнаа работите, во 2012 година го реобновивме „Скопскиот фестивал“, оркестрите почнаа да работат, а мене ме назначија за директор на Музичката продукција. Тука се снимаше и фестивалот „Цветници“, а во 2014, 2015 и 2016 година и на „Макфест“ пејачите настапуваа во придружба на Ревискиот оркестар. Потоа работите почнаа да стагнираат, пари немаше, па и оние наменети за нас се пренаменуваа.

„Скопскиот фестивал“ згасна, како и ентузијазмот и желбата. Кој како одеше во пензија од музичарите, диригентите, авторите, продуцентите или, не дај боже, умираше, не се заменуваше со нов член. Извесно време доаѓаа хонорарци, но бидејќи не им се исплаќаа хонорари и тие си заминуваа. По извесно време настапи целосен молк. Поради оваа тажна состојба, која е напад на целата македонска култура, мислам дека е крајно време државата да даде средства да се отворат студијата, да се вработат тие 70 луѓе и да заживеат оркестрите. Да се направат трајни снимки и убаво да се заштитат – посакува познатиот музичар.
Љупчо Мирковски нагласи дека доколку државата одлучи да одобри пари за реобновување на Музичката продукција на МРТ, треба да помине период од најмалку шест месеци до една година, за да се воспостави некој флуид меѓу луѓето и да почнат да функционираат оркестрите.