Карл Лагерфелд, водечкиот дизајнер на модната куќа „Шанел“ во изминатите 30 години, почина вчера во 86-та година, објавија француските медиуми. Дизајнерот, кој во една пригода изјави „мразам интелектуални разговори со интелектуалци затоа што ми е гајле само за моето мислење“, ќе остане запаметен како контроверзен и неверојатно успешен во својата бранша.

Легендарниот Германец починал во болница во француската престолнина, каде што бил примен во понеделникот навечер. Сѐ уште не се познати причините за смртта, иако е познато дека имал здравствени проблеми уште од минатиот месец, кога првпат во својата кариера ја пропуштил ревијата на „Шанел“ во рамките на Модната недела во Париз.

Според некои критичари, Лагерфелд е можеби и најзначајниот креатор на денешнината и со децении ги диктираше модните трендови. Креативен директор на „Шанел“ е од 1983 година, додека за брендот „Фенди“ работеше цели 52 години. Тој беше бренд, препознатлив по непогрешливиот изглед и по дрските коментари.

Роден е во богато семејство на 10 септември 1933 година. Татко му бил производител на конзервирано млеко и со својата сопруга, младиот Карл и со неговата сестра живееле во познатиот кварт во Хамбург, Бланкенесе, каде што живееле аристократи. Овој крај изобилувал со убави куќи и уредени паркови.

Сето тоа се сменило за семејството Лагерфелд кога Хамбург во јули 1944 година бил бомбардиран, кога семејството се преселило на нивниот имот во Шлезвиг-Холштајн. На село Карл минал половина од своето детство, иако неговите урбани корени и склоности кон необичната облека, како и долгата коса, го издвојувале меѓу селските деца.

Малиот Карл пред да почне да оди на училиште знаел англиски и француски јазик и минувал часови и часови изработувајќи цртежи на таванот. Повеќе сакал да оди во музеи отколку на училиште, а бил фасциниран од француските сликари.
Во текот на годините растела неговата желба за преселба во Париз. Откако во 1950 година го погледнал шоуто на Кристијан Диор во Хамбург, донел одлука и во 1953 година тој и неговата мајка се селат во светската модна престолнина. Многу брзо станал познат. Кога имал само 20 години освоил прво место на модните натпревари за дизајн на палто. Сѐ друго е веќе историја.

Првото вработување во модната престолнина му било кај славниот француски дизајнер Пјер Балман, како асистент. Таму останал три години, по што се вработил како креативен дизајнер во друга модна куќа. Во 1961 година конечно се осамостоил. Наскоро почнал да дизајнира за модните гиганти „Клое“ и „Фенди“ и се прославил со својот иновативен стил, но и со љубовта кон старовремската модата, што често ја вклучувал во своите колекции. На пример, купувал стари венчаници од пазарите, целосно ги рашивал и повторно ги дизајнирал по свое.

Во 1980-тите години им станал миленик на медиумите, кои го опишувале како дизајнер што скока од една модна куќа до друга. Кога дошол во „Шанел“ го направил невозможното. Имено, ја оживеал модната куќа осудена на пропаст, а по четири години основал и сопствена модна марка, што во 2005 г. ѝ ја продал на модната куќа „Томи Хилфигер“. Освен облека, дизајнирал и садови, а во 2015 г. првпат отвори и дуќан во Доха.

Ќе остане запаметен не само по своите креации, туку и по својот оригинален изглед во подоцнежните години.

– Јас сум како карикатура на самиот себе и тоа ми се допаѓа – велел тој.

Очилата за сонце и долгото опавче беа дел од неговиот оригинален изглед. Неговата силуета е симбол и на истоимената модна марка. Кошула со висока јака, палто и вратоврска, кожени ракавици и околу 30 прстени на неговите прсти беа неопходност. Но понекогаш, велеше, на работа носи само едноставен црн пуловер.

Успеа да ослаби 40 килограми за да може да влезе во тесно скроените костими на Слиман, а напиша и книга насловена „Диетата на Карл Лагерфелд“, која се состои од консумирање протеинска храна. Модниот цар обожаваше „кока-кола лајт“, па дури дизајнира и шише за неа.

– Не можам да престанам да купувам книги – велеше.

Неговиот кревет беше опкружен со ѕид од книги, исто како и другите простории, поради што немаше место за слики. Колекцијата на Лагерфелд вклучува 300 илјади книги, повеќето илустрирани книги за мода и уметност, историја и филозофија, како и есеи и поеми.

Негови пасии беа модата, книгите и неговата мачка Шупет. Славната мачка што одбива да јаде од под има сопствена послуга, налози на Фејсбук и на Твитер инспирирани од две колекции на „Шанел“.

– Има нешто незаборавно во неа. Таа е инспирација за елеганција, за став – велеше Лагерфелд.

Шупет не беше единствената муза на Лагерфелд. Од почетокот на 1990-тите, тој ја зема под свое Клаудија Шифер. И Баптист Џабикони му беше извор на инспирација. Лагерфелд самиот ја сликаше младата француска манекенка, а резултатите ги презентира во една илустрирана книга и изложба.