Веѓите веќе не се неуредни и густи, но не се ниту тенки и неупадливи. Оваа сезона се носат густи и зачешлани нагоре, а ако токму тие ви се допаѓаат, можете да се обидете со ламинација – нов хит третман, во кој нема ниту боцкање, ниту тетовирање. Со добро обликувани веѓи ќе изгледате помладо, повпечатливо и ќе ги истакнете очите.
Со ламинација веѓите се подигаат и се бојат, а влакното станува подебело. Се добиваат густи, уредни веѓи зачешлани нагоре, кои изгледаат сосема природно.

Прво на веѓите се нанесува раствор за подигање или лифтинг, што се остава да стои околу 20 минути. Така влакната омекнуваат и се подготвуваат за обликување. Потоа козметичарката внимателно ги расчешлува во обликот што го сакате и го нанесува растворот за ламинација, што ги фиксира и бои влакната. Ефектот е сосема природен. Ваквото обликување на веѓите трае еден месец, а вие треба само наутро да ги исчешлате.

Бидејќи се третираат само вашите природни веѓи, овој третман е идеален ако имате долги влакна што треба да се скротат. Заради природата на третманот, доколку веѓите ви се кратки и ретки, нема да го добиете посакуваниот ефект.