Новата серија на Ејч-би-о, „Невозможно“ (The Nevers), ќе има премиера на 12 април, на Ејч-би-о гоу, додека првата епизода на каналот Ејч-би-о ќе се емитува истиот ден, во 20 часот. Првиот дел од сезоната има шест епизоди, а вториот ќе донесе уште шест епизоди, чиј датум на премиера ќе биде објавен дополнително.
Во август 1896 година, викторијански Лондон е опседнат од „Одбраните“, повеќето жени, кои одеднаш манифестираат магични способности, некои симпатични, а некои вознемирувачки. Сите што ѝ припаѓаат на оваа класа се во голема опасност. Амалија Тру (Лора Донели), мистериозна вдовица, и Пенанс Адаир (Ен Скели), брилијантна млада изумителка, се оние што треба да ги заштитат „Одбраните“. За да успеат во тоа, треба да се соочат со брутална сила, која е решена да ги уништи.

Покрај Лора Донели и Ен Скели, во серијата настапуваат и Оливија Вилијамс, во улога на богатата филантропка Лавинија Бидлоу, Џејмс Нортон како Хуго Свон, богат и бесрамен наследник на неморален илегален клуб, Том Рајли го игра помладиот брат на Лавинија и Пип Торенс во улогата на лорд Гилберт Масен, висок државен службеник што води битка со главните ликови. Во серијата игра и Бен Чаплин, во улогата на Френк Мунди, инспектор што е растргнат помеѓу полициската служба и моралните начела, Денис О’Хер како нарушениот доктор Едмунд Хаг, кој го бара изворот на оваа супермоќ, Закари Момо е Хорациј Кусенс, кој е доктор во сиропиталиште и кој има исцелувачка моќ, Ејми Менсон во улогата на смртоносната Малади, која својата моќ ја црпи од болка, и Рошел Нил, која ја глуми Ени Карби, жена со огнена моќ.
Во другите улоги играат Еленор Томлинсон, Елизабет Берингтон, Ана Девлин, Киран Савар, Вајола Претеџон, Ела Смит, Вини Хевен и Ник Фрост. Извршни продуценти на серијата се Џош Ведон, Бернадет Колфилд, Ајлин С. Ландрес, Даг Петри, Џејн Еспенсон и Филипа Гослет. Сценариото е на Џош Ведон, Џејн Еспенсон, Кевин Лау, Мадури Шекар и Мелиса Икбал, а режисери на епизодите се Џош Ведон, Дејвид Семел и Зетна Фуентес.