По барање на гледачите и обожавателите на Влада Дивљан, документарниот филм „Небеска тема“, посветен на овој познат балкански музичар, три дена (на 20, 21 и 22 ноември) ќе се прикажува во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, каде што премиерно беше прикажан на 7 ноември, во рамките на филмскиот фестивал „Синедејс 2019“. Проекциите почнуваат во 20 часот, а влезниците може да се купат на билетарницата во МКЦ и онлајн преку: bileti.mkc.mk.

„Небеска тема“ премиерно беше прикажана на 1 август, на музичкиот фестивал „Бадем фест“ во Никшиќ, Црна Гора, а потоа следуваше негово прикажување во целиот регион, но и во Велика Британија и во Канада.
Сценарист и режисер на овој документарец, со елементи на игран филм, е Младен Матичевиќ. Во него учествуваат најзначајните автори од бивша Југославија, кои специјално за оваа пригода направија свои верзии на песните на Влада Дивљан. Ваквиот авторски пристап и големиот број атрактивни учесници го прават овој филм единствен, проект каков што сѐ уште не е виден на овие простори.

„Небеска тема“ според формата и наративната структура е сличен на главниот лик, истовремено и документ и бајка, и урбан и емотивен и романтичен.
Во филмот учествуваат: Дарко Рундек, Момчило Бајагиќ-Бајага, Светозар Цветковиќ, Зденко Колар, Александар Шандоров, Душан Страјниќ, Младен Јурчиќ Макс, Срѓан Гојковиќ-Гиле, Душан Којиќ-Која, Срѓан Шапер, Горанка Матиќ, Мома Раин, Дина, Стеван и Павле Дивљан, Ида Престер, Синиша Шкарица, Дубравка Марковиќ, членовите на бендовите „Минилинија“, „Летно кино биг бенд“, „Олд старс бенд“ и други.

Филмот е снимен на локации во Белград, Загреб, Виена, Ровињ и на Брач.
Документарецот го произведе и го продуцира куќата „Стархил“, заедно со компанијата „Јунајтед медија“, а го поддржаа Филмскиот центар на Србија, центарот за култура „Влада Дивљан“ и белградската општина Палилула.