Истражувањата во Португалија покажуваат дека неандерталците користеле храна од морето во иста мера како и директните предци на современите луѓе. Тие јаделе риба, школки и фоки. Со децении можноста да се најде храна во морињата и во реките се смета за специфичност на разумниот човек. Сепак, научниците откриле докази дека неандерталците со потекло од денешна јужна Португалија ја користеле храната од морето.

Живееле од 106.000 до 86.000 години пред нашето време во пештерата Фигуеира Брава, кај Сетубал. Тие јаделе школки, ракови, ајкули, јагули, делфини и фоки.
На чело на истражувачкиот тим е професорот на Универзитетот во Барселона Жуан Зилио. Професорот тврди дека морските плодови сочинувале половина од исхраната на човечките предци што живееле покрај пештерата Фигуеира Брава. Другата половина од храната потекнувала од копното. Тие ловеле елени, коњи, див добиток и желки. Најстарите докази за употреба на храна од морето датираат пред 160.000 години и се пронајдени во Јужна Африка. Истражувачите потврдуваат дека морската храна дејствувала на мозокот на човечкиот предок стимулирајќи ја когнитивната способност.

Ова може да ги објасни појавувањето на голем број пронајдоци и развојот на креативноста на човечката популација пред 200.000 години. Начинот на исхрана му помогнал на разумниот човек да ги надмине своите сродници, како што се неандерталците и денисованите, пишува „Би-би-си“. Сепак, истражувачите велат дека неандерталците од областа Сетубал користеле морска храна во иста мера како модерните човечки групи што живееле во Јужна Африка во тоа време.
– Жуан Зилио и соработниците тврдат дека идентификувале наслаги на морски материјал. Станува збор за структури направени од школки. Тие се важни затоа што зборуваат за систематска организација на човековите предци. Тие работеле заедно за да соберат материјали и ги отфрлале непотребните делови – наведува професорот на Британскиот институт за археологија Метју Поуп.
Професорот Поуп не учествувал во истражувањето, но вели дека ловците на школки користеле дел од пленот за да направат монументални градби каде што биле погребувани.
– Проучувањето на тие наслаги е напорна работа. Постои голема сличност со формациите што се пронајдени во Африка – истакнува Поуп.