Заштитната маска, сакале ние или не, стана заштитен знак на 2020 година. Поради пандемијата на коронавирусот, луѓето се принудени да ја носат. Но на еден остров во Јапонија таа е задолжителна, без оглед на вирусот. Приказната почнува во 2000 година, кога на островот Мијакеима се случи природна катастрофа. Имено, ова парче копно е дел од вулканските острови Изу, што се наоѓаат во Ѓаволско Море, и се во постојана опасност од земјотреси и вулкански ерупции.

Само минатиот век, тука се случиле шест ерупции на вулкан, а најлошата била токму во 2000 година, кога ова подрачје го погодиле 17.500 потреси. Една ерупција исфрлила чад во висина од еден километар и била проследена со голем број експлозии. Истиот момент, почнала евакуација на населението. Пепелта што паѓала од небото не била единствена грижа за луѓето. Катастрофата, исто така, довела до високо ниво на токсичен сулфур диоксид, што предизвикало 20 отсто од земјиштето да стане необработливо. По три месеци, Владата на Јапонија организирала и присилна масовна евакуација. Вулканот Ојама две години подоцна продолжил да испушта 10.000 до 20.000 тони сулфурен диоксид дневно, претворајќи го островот во постапокалиптичен свет со мртви стебла, ’рѓосани автомобили и напуштени градби.

Во 2005 година на луѓето им било дозволено да се вратат во своите домови. Повеќето, сепак, одлучиле да останат во новите куќи во Токио, но околу 3.000 жители се вратиле, вооружени со гас-маски, за да можат да преживеат, поради тоа што штетните гасови и натаму испаруваат од земјата. Набргу престојот на островот Мијакеима станал атракција и се развил нов вид туризам – престој на остров каде што сите носат гас-маски. Тие се продаваат на траектите и во локалните продавници и можат да ги купат сите љубопитни и храбри посетители што ќе дојдат на островот.