Стравот од авторитарните режими ја турка филмската индустрија кон автоцензура

Тоа што ги издвојува САД од остатокот од светот, секогаш била т.н. „мека моќ“. Совјетите можеби им парираа на Американците според нуклеарните капацитети, но никогаш не можеа да и парираат на привлечноста на „американскиот начин на живот“. А дури и кога Кина се обидува да ја рашири нејзината култура низ светот, таа во поголема мера поттикнува страв отколку восхит, пишува „Форин аферс“.

Повеќе состојки се комбинирани за американската „мека моќ“ да има сила и досег, но забавата и културата секогаш биле главни во таа мешавина. Филмот и телевизијата го обликуваа начинот на кој светот ги гледа САД. А сепак, таквата предност полека исчезнува. Кога станува збор за големите прашања на денешната светска политика, Холивуд стана неверојатно плашлив. За одредени теми дури и нем.

Најочигледниот пример е зголемената загриженост на американските филмски студија дека би можеле да ја загрозат нивната положба кај кинеската влада. Кинескиот бокс-офис е голем колку и американскиот, а забавата, пред се, е бизнис. Затоа Холивуд ги санитаризира или цензурира темите што не му се допаѓаат на Пекинг. Но, овој феномен не се однесува само на Кина. Студијата, сценаристите и продуцентите се плашат дека ќе бидат хакирани или ќе им биде наштетено, ако ги претстават автократите во негативно светло.

А не беше отсекогаш така. Во 30-те години на минатиот век, „Големиот диктатор“ на Чарли Чаплин го претстави Адолф Хитлер. „Кундун“ на Мартин Скорсезе го насочи вниманието кон Тибет, а „Лов на Црвениот Октомври“ ја оживеа Студената војна.

Денес, публиката може да бира – нема недостиг на шовинистички американски филмови или телевизиски серии, како ниту материјал кој ги оспорува невообичаените ситуации во проамериканската надворешна политика. Но, кога станува збор за начинот на кој се претставени другите светски сили, постојат осетливи теми кои не се спомнуваат.

Но, автоцензурата на Холивуд не се исплати. Спектарот на одмазднички напади – онлајн и офлајн, веројатно нема да стивне. А американската влада се почесто ја гледа забавната индустрија како потенцијален ризик за националната безбедност.

Негативците уште постојат во стриповите. А филмовите кои некогаш ја зголемуваа американската мека моќ наспроти нивните ривали, стануваат реткост. Неодамна од сценарист-оскаровец беше побарано да напише сценарија за римејк на една од најпознатите видео-игри. Но компанијата посочи дека видео-играта со воена тематика се соочува со проблем. Кој е непријателот? Тоа секако не може да биде Кина. Ниту Русија, Северна Кореја или Иран. Како што истакнаа водечките луѓе на компанијата „веќе не знаеме кој би можел да биде негативец“.